Ќе се чека на одлука од Европската Унија за обезбедување средства за изградба на ветената пруга до скопскиот аеродром и за воспоставување на железничка линија од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром Скопје. Од Министерството за транспорт и врски за велат дека Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници ќе треба да аплицира за овој проект, бидејќи истиот е предвидено да се реализира во рамките на Секторската оперативна програма за ИПА на ЕУ за периодот 2024-2028 година.

Од ова министерство објаснуваат дека по апликацијата од наша страна, Европската Унија ќе го направи финалниот избор и ќе одлучи дали ќе го вметне проектот за пруга до скопскиот аеродром во ИПА програмата, односно дали финансиски ќе ја поддржи реализацијата на инфраструктурниот проект.
Засега не е изработена проектната документација за изградба на железничкиот крак од постојната пруга Скопје-Куманово до Меѓународниот аеродром Скопје, потврдуваат од Министерството за транспорт и врски.
Сепак, директорот на ЈП за железничка инфраструктура, Хари Локвенец во интервју за Локално.мк објаснува дека со изградбата на пругите кон Бугарија и Албанија, предвидено е патниците од двата македонски аеродрома да добијат железничка врска со Скопје и Охрид. Имено, со изградбата на пругата кон Албанија, планирано е железничко поврзување на охридскиот аеродром со Охрид.
Тој наведува дека е планирано поврзување на скопскиот аеродром со главниот град, но без поконкретни детали и датуми за негова реализација.
Мета.мк во два наврати на 3 и 10 април годинава испрати прашања до ЈП за железничка инфраструктура Железници на за проектот за воведување на аеродромски воз меѓу скопскиот аеродром и главниот град. Прашавме до каде е изработката на проектна документација и физибилити студија за изградба на пруга до скопскиот аеродром, до каде е пронаоѓањето на финансиски средства за овој проект, како и кога би можело да започне изведбата на ветениот железнички крак до аеродромот. Сепак, не добивме одговори на поставените прашања од ова јавно претпријатие.
Директорот на ова јавно претпријатие Хари Локвенец во февруари 2021 година рече дека се изработува идејно решение за изградба на железничкиот крак од постојната пруга Скопје-Куманово до Меѓународниот аеродром Скопје. Тој тогаш напомена дека изградбата на пруга до скопскиот аеродром би можела да се заврши во 2023 година. Сепак, од денешна перспектива на терен не се започнати никакви градежни работи во однос на реализацијата на овој проект.





