Дали 14 милиони евра одат во ветар, пари што требаше да ги има наплатено МЕПСО од неколку приватни фирми за продажба на струја? За МЕПСО, кое е претпријатие во стопроцентна државна сопственост, државните ревизори во извештајот кој се однесува за 2021 година констатирале дека со одлука на членовите на Управниот одбор, тие пари практично се во голем ризик дека ќе бидат наплатени. Дали тоа значи дека за членовите на Управниот одбор постои можност да заработат кривична пријава бидејќи станува збор за пари на државата кои како да се отпишани? Но, од друга страна, од Управниот одбор велат дека не се отпишани, туку резервирани средства „бидејќи имало потешкотии во нивната наплата“. Премиерот Димитар Ковачевски не сака да се меша, вели постојат органи кои ќе ја испитаат работата, зашто, нагласува, минале времињата кога тој би можел да биде и обвинител и судија. Во Обвинителството извештајот за МЕПСО веќе се разгледува, велат оттаму за МКД.мк.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, се изразува сомнеж во финансиските резултати и извештаи на МЕПСО, оттаму се изразува и сомнеж кон одлуката на Управниот одбор во однос на долгот направен од неколку помали компании кои средства се дефинираат како резервирани. Пари за кои веднаш се извлече заклучок во медиумите дека се отпишани или простени, а станува збор и за неколку фирми некои блиски до поединци во власта, некои и згаснати во меѓувреме.
За што станува збор? Долг бил направен кон МЕПСО во износ од 15 милиони евра кој во текот на минатата година бил намален на околу 14 милиони. Всушност, во време на светска криза и енормно зголемени цени на струјата во втората половина на 2021 година, малите фирми се вратиле кон МЕПСО за да им се дистрибуира струја по пониска цена, поради што, државата морала итно да се приклучи на Европската мрежа и да плати речиси двојно, 25 милиони евра за да купи струја и да ги снабди граѓаните и стопанството. Не само што фирмите кон МЕПСО направиле долг од 14 милиони евра, туку МЕПСО морало да плати 25 милиони евра за да дојде до струја од Европската мрежа за да не се случат рестрикции кон греаѓаните и стопанството.
Од МЕПСО веќе имаше реакција дека не станува збор за отпис на долгови, туку дека тие во февруари минатата година донеле одлука тие средства да бидат резервирани имајќи предвид дека бил проблем навремено да се наплати долот, а со цел да се избегне можноста поради тоа МЕПСО да се соочи со проблеми во работењето.
Орхан Муртезани, кој до неодамна беше директор на МЕПСО, а функцијата ја презеде пред нешто повеќе од една година, всушност и не беше на функција кога долговите биле направени кон државното претпријатие. Но како директор и претседател на Управниот одбор стои и неговиот потпис на, за ревизорите, одлука која остава простор за сомнеж. Муртезани за МКД.мк е категоричен дека не станува збор за простување на долгови.
Како што произлегува од ревизорскиот извештај, во тоа време во 2021 година и Владата ја следела кризната состојба со струјата на домашниот и европски пазар и имала свои одлуки. Според финансиски експерти, токму една одлука на Владата ја закомпликувала состојбата бидејќи, водејќи се од фактот дека е енергетска криза, за да помогне, драстично ја намали висината на банкарската гаранција за фирмите кои купуваат струја, а со тоа практично се оневозможи евентуални долгови да бидат наплатени. Како и што беше во конкретниот случај, а за што и Муртезани предупреди дека станува збор за мали фирми со ниски банкарски гаранции. А еве каква одлука донесе тогаш Владата што не остана незабележано од ревизорите.
„Имајќи го предвид целокупното влијание кое го предизвикува недостигот на електрична енергија врз економска состојба во државата, во ноември 2021 година Владата донела Уредба со која трговците – БОС биле ослободени од обврската за зголемување на банкарските гаранции по основ на склучените договори за балансна одговорност, а АД МЕПСО Скопје потпишал договори за репрограмирање на нивните доспеани, а ненаплатените долгови. Во декември 2022 година, побарувањата по основ на склучени договори за репрограмирање за повлечена електрична енергија од електропреносниот систем изнесуваат 883.802 илјади денари или над 14 милиони евра, при што во ревизорскиот извештај се укажува дека постои ризик и неизвесност од нивна наплата“, запишаа во Државниот завод за ревизија.
Во февруари 2022 година членовите на Управниот одбор на АД МЕПСО: Ева Шуклева, Борко Алексоски, кои сега се сменети, како и сè уште актуелните членови Билен Саљији, Љупчо Зиков, Сашо Стефановски и Гоце Талевски ја потпишаа одлуката која се однесува на долгот, пари што ги должат приватни трговци со струја, од кои, некои, како што веќе ни изјави Муртезани, биле основани со основачки капитал од само 5 илјади евра.





