Денеска во Скопје промоција доживеа документарниот филм „Еден живот, една љубов“ во продукција на „Пи-Џи-Ем Нетворк“ од Белград и во соработка, и на идеја на новинарот Живко Здравковски. Но во просториите на МОК, на големо изненадување на сите немаше делагација или барем претставници на актуелното раководство на Фудбалскиот клуб Вардар. Како компензација таму биле легендите Ванчо Балевски, Ѓоко Хаџиевски, Ѓоре Јовановски, Вујадин Станојковиќ и Драган Мутибариќ.
„Навистина сме изненадени што од ФК Вардар го игнорираат на овој одличен документарец. Срамен чин е да не се присуствува на еден ваков настан“ истакна пензионираниот новинар Атанас Костовски кој има свое учество во проектот, по пладневната промоција.
Од другата страна во ФК Вардар знаеле за документарецот, впрочем тие овозможиле да се снима на две нивни локациии, знаеле и за промоцијата, само што не знаеле кога таа ќе се случува, а и не добиле официјална покана.
„Уште пред две недели ни беше најавено дека ќе има промоција, но никој од нас во клубот не знаеше кога ќе биде тоа, каде и во колку часот. Видете, како се доставува покана за вакво нешто? Или на официјален мејл на клубот или во самиот клуб. Ние такво нешто немаме добиено, а да имаше ќе се договоревме кој да оди. Никој во клубот не знаеше дека официјалната промоција е денеска. Се знае како се постапува, официјално. Ова не е играчка. Сепак документарец е за Вардар“, рече Мирко Спасески за порталот sport1.mk.




