Претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев во ексклузивното интервју за „Експрес“ се осврнува за најактуелните општествено-политички и историски прашања, кои ја засегаат Република Македонија во овој момент. Тој ги повикува македонските политички партии да дејствуваат против исчезнувањето, партизацијата и демакедонизацијата на Македонија, бидејќи можат да ги спречат поморот на македонскиот род, бришењето на македонското име, дерогирањето на македонскиот јазик, дезавуирањето на сè што е македонско. Коцарев повторно ги повикува сите пратеници во Собранието едногласно да се изјаснат против уставните измени и против внесување на Бугарите во Уставот на Македонија. Според него, препораките на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања треба да се маргинализираат со образложение дека, иако Македонија е за ЕУ и посветено работи на почнување на пристапните преговори, досегашните препораки, сепак, немаат научен, туку содржат уценувачки предзнак.
„Експрес“: Странските притисоци и домашните настојувања да се внесе „државотворниот бугарски народ“ во Уставот доаѓаат до врвот. Сите албански партии во Македонија бараат и „бришење на 20-те проценти“ од Уставот и да се внесе терминот „албански јазик“. Во ситуација кога во Уставот не постои идентификациската одредница „македонски“, се бара, всушност, во највисокиот акт да се вгради идентификациската одредница „албански“, за етничката заедница за која посебно Али Ахмети неколкупати веќе рекол дека треба да добие статус на „албански државотворен народ“. Од друга страна, во Уставот не постои „македонски државотворен народ“, туку фактички „граѓани на Северна Македонија“. Дали може МАНУ да придонесе во решавањето на ова прашање и, конкретно како, за да се спречат погубните последици од ваквите „државотворни прекројувања“ на Уставот?
Коцарев: МАНУ е највисоката научна и уметничка институција во државата, столб на државотворноста на Македонија, па затоа МАНУ, исклучиво преку научни истражувања и организирање научни собири треба да понуди решенија за предизвиците со кои се соочува Македонија. Македонија, денес, според моето мислење, е поробена земја: протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд – изберете кој било од овие термини и нема да погрешите.Творештвото – научното и уметничкото, подразбира уривање на воспоставениот систем на вредности, естетски, морални, политички и воспоставување на нова, поправедна и подеднаква за сите стварност. Современите македонски политичари во минатите триесетина години ги избришаа овие романтичарски флоскули, заменувајќи ги со лукративни, сервилни, неуки форми на владеење, хм, поточно… на дивеење.
Терминот „банана-држава“ првпат се користи на почетокот на минатиот век за некои латиноамерикански или карипски земји, што поддржуваат експлоатација на природни ресурси – банани, овозможена со договор меѓу државата и одредена фаворизирана приватна компанија, што доведе до раслојување на општеството и создавање голема осиромашена класа на граѓани и владејачка класа, плутократија, составена од деловни и политички елити. Деновиве целосно се суспендираат уставниот поредок и правниот систем на Македонија, а целата наша држава и сите нејзини природни и културни богатства им се ставаат на располагање на една приватна компанија, при што дивеењето на власта кулминира со предвидување казнени одредби за Македонија, ако не се остварат бескрупулозните намери на компанијата.
Предизвиците со кои се соочува Македонија се есенцијални и егзистенцијални, од економски до правно-политички, од социјални до културни, а МАНУ, во соработка со универзитетите, стопанските комори и други меѓународни експерти, треба да пристапи кон изработка на документи, платформи, визии, стратегии за развој и за опстојување на Македонија, вклучувајќи го и прашањето за уставниот поредок на државата. Иницијативите за спроведување научноистражувачки проекти, за одржување научни собири и за изработка на различни документи кои се однесуваат на предизвиците на Македонија, според статутарните одредби на Академијата, треба да почнат или да бидат во содејство со Одделението за општествени науки. Според моето мислење, таквите иницијативи ќе бидат поддржани и од другите одделенија на МАНУ.
„Експрес“: Дали бараните промени на Уставот водат кон разбивање на унитарноста и на територијалниот интегритет на македонската држава, на нејзино распаѓање на два дела, во кои Бугарите и Албанците, прогласени како државотворни, би си ги искористиле своите меѓународни права да конституираат нови државни единици во „своите делови“ од сѐ уште единствената македонска територија?
Коцарев: Во одговорот на вашето прашање ќе се послужам со исклучителниот расказ на Оноре де Балзак со наслов „Непознатото ремек-дело“. Во него се зборува за големиот сликар Френхофер, кој десет години минува сликајќи го и менувајќи го портретот што ќе означи „револуција во уметноста“, „најцелосната репрезентација на реалноста“. Кога, конечно, Френхофер им дозволува на своите колеги да го видат неговото маестрално дело, на нивен ужас, тие здогледуваат бесмислена слика, па по забелешката дека „Френхофер… толку пати го преправал портретот, што од него не останало ништо“, големиот сликар се самоубива. Таков е и случајот со Македонија – толку пати сервилните и неуки политичари ги менуваа и допрва, ако им се дозволи, ќе ги менуваат нејзините основни суверени атрибути, вклучувајќи го и Уставот, што од неа не остана речиси ништо – таа постепено исчезнува пред нашите очи, а ние сме само неми сведоци на нејзиното разнебитување. До кога?
Прашањето: „за или против ЕУ“ е бесмислено, но секогаш кога претседателот на МАНУ или некои членови на Академијата аргументирано ќе ги оспорат договорите со Грција и со Бугарија, веднаш Академијата ја добива етикетата „антиевропска“. Повеќепати сум пишувал и говорел, а верувам и дека сите членови на МАНУ ќе се согласат со мене, дека МАНУ не е против ЕУ, туку, напротив, МАНУ е за ЕУ, но за Унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ. Тоа што не го разбираат или не сакаат да го разбираат претставниците на политичката и владејачката елита и нејзините апологети е тоа дека, дури и да почнат преговорите (по уставните измени), дури и да се согласиме со сите уценувања и понижувања од соседните држави (притоа не заборавајте дека допрва ќе пристигнат нови и пострашни ЕУ-уцени и понижувања за сите земји од соседството што не се членки на ЕУ, не само за Македонија), ирационално, неразумно, нелогично, па дури и бесмислено е да се очекува дека Македонија брзо, во наредните триесет години, ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Постојат две причини за тоа: прво, сѐ додека земјите членки на Унијата имаат право на вето за прием на нови членки – проширувањето ќе биде блокирано и, второ, ЕУ, или некои нејзини членки се против вклучувањето на нови полноправни членки со право на вето. Според сегашното устројство на Унијата, за воведување алтернативи за полноправно членство на Македонија во ЕУ и/или за отстранувањето на правото на вето на земјитечленки на ЕУ треба консензус од сите членки: тоа ниту денес ниту во далечна иднина нема да се оствари, па, така, преговорите ќе траат бесконечно долго, дури и да предадеме и да продадеме сѐ!
„Експрес“: Мешовитата македонско-бугарска историска комисија, како што најави вашиот колега и историчар Драги Ѓоргиев, веќе била „блиску“ и до „прашањето за Охридската архиепископија“ и усвојување „препораки за соодветно прикажување“ на овој столб на македонскиот духовен и национален идентитет во учебниците. Зар навистина ќе дозволиме Бугарите да ни го менуваат Уставот, да ни ја пишуваат и историјата, да нѐ „освестат“ дека сме „благонадежни Б’лгари“?! Како да се спречат овие процеси?
Коцарев: Повторно ќе го кажам мојот личен став за начинот на спречување на овие процеси. Прв чекор: сите македонски пратеници, денес, но и во иднина, што значи засекогаш, едногласно да се изјаснуваат против уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот на Македонија. Втор чекор: препораките на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања треба да се маргинализираат со образложение дека, иако Македонија е за ЕУ и посветено работи на почнување на пристапните преговори, досегашните препораки, сепак, немаат научен, туку содржат уценувачки предзнак. Трет чекор: кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, тогаш да почне работата на Комисијата – без притисоци и без уцени, со објективно оценување на историските прашања и образовните предизвици.
„Експрес“: Македонскиот идентитет и македонската историја непрестајно се изложени на удар. Многу факти потврдуваат дека изворот на загрозувањето на македонскиот идентитет лежи токму во Бугарскиот и во Преспанскиот договор, за кои вие посебно не еднаш имате речено дека треба да се поништат. Но, ако се суди според сегашната поддршка од ЕУ, водечките европски држави и САД за „францускиот предлог“, за „преговарачката рамка“ и токму за Бугарски договор, би било тешко дека, реално, меѓународната заедница би се согласила со укинувањето на обата „добрососедски договора“. Ваш коментар?
Коцарев: Моите досегашни и идни обраќања се сведоштва за моите лични согледувања и ставови, изградени врз научно поткрепена анализа. Во суштина, сите мои јавни излагања може да се сумираат во еден параграф. Зборот „македонизам“ подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, на македонскиот идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството, вклучувајќи ги тука и Грција, Бугарија и Албанија и низ целиот свет. Тоа се факти, што се верификувани од светската наука и поддржани од МАНУ во периодот од нрјзиното формирање сѐ до денешни дни. Дали тогаш Македонците и македонската научна јавност треба да ги отфрлат и да ги осудат договорите со Грција и со Бугарија, кои ги негираат тие факти и кои изнесуваат невистини, лаги и манипулации? Или ќе молчиме со наведнати глави по којзнае кој пат?!
Дали претседателот на највисоката научна и уметничка институција во државата треба да молчи за договори, што изнесуваат невистини, иако јавноста оправдано и очекувано сѐ погласно го бара токму спротивното? Дали моите написи, денес од едни, а утре од други политички партии ќе бидат искористени и во позитивен и во негативен контекст не се сомневам. Но, тоа не е причина, што ќе ме замолчи и ветувам дека ќе продолжам да пишувам за сите предизвици, пред кои е исправена Македонија.
Како понатаму? Мојот став по ова прашање го кажав на Годишното собрание на МАНУ, одржано на 22 февруари 2023 г., па затоа тој став ќе го повторам уште еднаш: Македонија треба да чекори по европскиот пат – тоа е патот, што нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата. Но, по тој пат Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци. За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам пратениците во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. Ако сега кажеме не, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да опстои, и да не се распадне. Во спротивно, ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нови, нереални и бесмислени барања, што ќе предизвика соочување со уште поголеми искушенија.
„Експрес“: Во вашата колумна во јули минатата година вие најдиректно навестивте: „Време е за промени, МАНУ и интелектуалците ќе предводат!“ Минаа десетина месеци, а сѐ уште нема никакви активности во оваа насока… Има, напротив, драматични влошувања на политичката ситуација во која се наоѓаат Македонија и македонскиот народ… Дали се откажавте од најавената намера, наидовте на спротивставувања…? Или ќе пристапите кон одредени дејства и конкретно какви?
Коцарев: Грст политичари за грст денари (или долари) веќе триесетина години ја држат Македонија во заложништво. Различни се патиштата на иднината на Македонија, но сите тие имаат заеднички именител: департизација на општеството. За да ги спречиме разорувањето, уништувањето, исчезнувањето, деградирањето на Македонија, за да не исчезне Македонија во оваа траурна тишина, повикав, во една моја неодамнешна колумна, да не молчиме, што, всушност, подразбира непартиски и натпартиски активности.
Во демократска држава, а како таква се декларира Македонија, сите дејствувања треба да се реализираат преку институциите на државата, што значи дека за да вродат ваквите дејствувања со конкретни придонеси, тие треба да се имплементираат во партиите. Затоа ги повикувам партиите одлучно да застанат против неукоста, кусогледоста, властољубието, користољубието, и да престанат, еднаш засекогаш, да работат против државните интереси. Ги повикувам партиите да дејствуваат против исчезнувањето, партизацијата и демакедонизацијата на Македонија. Македонските партии може да ги спречат поморот на македонскиот род, бришењето на македонското име, дерогирањето на македонскиот јазик, дезавуирањето на сè што е македонско.
„Експрес“: Дали може МАНУ, според примерот на Македонското научно-литературно другарство, врз чии темели постои, веднаш да организира широка научна конференција, посветена на бараните промени на Уставот, и потоа, вклучувајќи и свои ставови, да изготви „Меморандум за македонскиот Устав“, со кој ќе се огласи во домашната и меѓународната политичка и научна јавност како еден од столбовите на македонската државност?
Коцарев: Според статутарните одредби на МАНУ, иницијатива за организирање научна конференција посветена на Уставот, неговите промени, последиците од тие промени и уставниот поредок во Македонија треба да произлезе од Одделението за општествени науки. Но, ниту сакам, ниту имам надлежност да предлагам, да сугерирам или да се мешам во изборот на темите за научните конференции, организирани од одделенијата. Ако се случи тоа и ако увидам дека ќе придонесам во работата на една таква конференција, ќе ми биде чест и задоволство да учествувам на неа.
4. Македонското научно-литературно другарство претставува основата од која произлезе МАНУ, но денес МАНУ е далеку од она што го преземаа оваа национална институција, нејзините највидни дејци, Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков. МАНУ е пасивна во поглед на одбраната на македонското национално прашање, нема конкретни дејствувачки активности…
Коцарев: Тврдењето дека „МАНУ е пасивна во поглед на одбраната на македонското национално прашање, нема конкретни, дејствувачки активности…“, не соодветствува со вистината. Во одговорот на Вашето прашање треба да се разгледаат два периода: до 1991 и по 1991 година. За периодот до 1991 година, ставовите на Академијата и ставовите на политичарите беа единствени – политичарите ги бранеа научните ставови на Академијата. Односот на политичарите во независна Македонија по 1991 година кон македонскиот јазик, кон македонскиот идентитет и кон македонскиот народ, се карактеризираше со водење неконзистентна државна и партиска политика, и се сведува, главно, на мислењата на определени политичари, кои се карактеризираат со неконзистентност, субјективност, неизверзираност во политичкиот настап и ненаучност, само за да се постигнат определени „повисоки цели“, што доведе и сѐ уште доведува до парадоксални состојби и до разнебитување на Македонија.
Ставовите на Академијата, за разлика од македонските политичари, во периодот од нејзиното основање до денес, со ретки исклучоци, се јасни и непроменети, а тоа ќе го поткрепам со неколку документи, објавени во независна Македонија, иако нивниот број е многу поголем. Во првиот, објавен во 2002 година и поставен на веб-страницата на МАНУ, со наслов „Промеморија на МАНУ во врска со спорот за името на Република Македонија“, пишува: „МАНУ ги смета за сосема основани и ги поддржува предлозите … за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Бугарија и Албанија, …, но и во Република Грција, каде што живее бројно македонско национално малцинство“.
Вториот документ, што претставува реакција на МАНУ „на писмото потпишано од повеќе професори од разни универзитети во САД, Канада и во Европа …, упатен до претседателот на САД, Барак Обама“, објавен во Билтенот на МАНУ, во 2009 година, и достапен на веб-страницата на МАНУ, завршува со следниот повик: „Затоа и ние, луѓето од науката и уметноста, се залагаме за што побрзо надминување на атавизмите од минатото на патот кон обединета и просперитетна Европа. Апсурдно е на тој заеднички пат да се бара од нас да се откажеме од сопственото многувековно име и од самите себе. Името на Македонија е стварноста на Македонија“. На седницата одржана на 3 декември 2019 година, Собранието на МАНУ усвои документ со наслов „Повелба за македонскиот јазик“, во којшто се изнесуваат научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик.
Четвртиот документ, насловен како „Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“, беше усвоен од Претседателството на МАНУ, на 15 ноември 2020 година. Така, на пример, во последниот документ стои: „Сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто: (a) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години); (б) македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективната меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор“.
Кога станува збор за ставовите на Академијата, сепак треба да разликуваме: (1) ставови на членови на Академијата, (2) ставови на шесте одделенија и ставови на осумте истражувачки центри во МАНУ, (3) ставови на Претседателството на МАНУ и (4) ставови на Собранието на МАНУ (кое го сочинуваат сите членови на МАНУ во работен состав).
Тука, би сакал да проговорам и за документот насловен како „Македонски манифест“. „Македонскиот манифест“ е резултат на соработката меѓу претседателот на МАНУ, поглаварот на МПЦ и ректорот на УКИМ. „Македонскиот манифест“ не е документ на МАНУ и, според тоа, логично е да не поминал низ органите на МАНУ.
Но, имајќи предвид дека, всушност, станува збор за сублимиран текст од Промеморијата на МАНУ, едногласно усвоена на Претседателството на МАНУ и објавена во јавноста на 15 ноември 2020 година, учеството на претседателот на МАНУ во создавањето на „Македонскиот манифест“, во согласност со неговите статутарни права, всушност, подразбира гест на достоинствено претставување на содржината на Промеморијата на МАНУ. Од друга страна, секуларноста претставува принцип на одвојување на владините институции, како и на личностите одредени да ја претставуваат државата, од религиските институции и религиските достоинственици. МАНУ, де јуре, не е дел од органите на државната управа и не е дел од владините институции, а претседателот ја претставува единствено Академијата, која, де факто, не е и никогаш нема да биде владина институција. Од независноста до денес постојат многу документи, обраќања и слова ,кои ги одразуваат ставовите на Академијата и на нејзините членовите, па затоа не би можел да се согласам со тврдењето дека МАНУ е пасивен набљудувач на општествените случувања. Притоа МАНУ секогаш настапува, потпирајќи се врз научни факти. Друго прашање е дали и во колкава мера ставовите на Академијата се поддржани и ќе бидат поддржани од политичарите.
„Експрес“: Дали е потребно политичките партии, а пред сѐ државните институции, конечно да согледаат колку ЕУ реално сака да продолжи со своето проширување, одделно и со Македонија, оти се зголемува бројот на угледни меѓународни експерти и државници, кои отворено предупредуваат дека се „веќе мртви европерспективите на Македонија“?
Коцарев: Веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и отсуство на желба за проширување, праќајќи јасни сигнали за Македонија, но и за другите балкански држави дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многумина аналитичари, неостварен сон. Постојат примери што покажуваат дека постоеле и постојат сериозни нерешени проблеми од типот на замрзнати воени конфликти, официјални територијални претензии и негирања на националниот суверенитет, а ЕУ не поставувала каков било услов за нивно претходно решавање на државите што ги внеле овие проблеми во ЕУ. Притоа, тука би сакал посебно да го истакнам бавното темпо на ЕУ-интегративните процеси во однос на шесте земји на Балканот што сѐ уште не се дел од ЕУ. Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша на 25 април 2005 година.
Временскиот период за влез на балканските држави во ЕУ e растеглива категорија: 5 години од почеток на преговори до потпишување на пристапниот договор и 10 години за привремено затворање на 3 од 35 поглавја. Ќе го нагласам зборот „привремен“ – тоа значи дека трите поглавја повторно може да бидат отворени. Дури некогаш, во далечна иднина, и да се попише Договор со ЕУ за пристапување на Македонија во неа – по предавањето и продавањето на сѐ што е македонско – тој ќе треба да се ратификува во парламентите на сите членки на ЕУ, вклучувајќи ги и нашите соседи.
Меѓутоа, има уште една причина поврзана со маргинализацијата на значењето и на последиците од фашизмот како идеологија, движење и политика, што предизвикува оправдан сомнеж за потребите Македонија да стане членка на ЕУ. ЕУ преку ветото на една своја членка како услов за почнување на преговорите бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор, туку и да го ревидира изразот „фашистички окупатор“, што е поддржано од дел од македонските политичари и од македонските квазиисторичари, и зарем тоа не придонесува за разнебитување на македонската држава? Поради тоа, се поставува прашањето: која е пораката што ЕУ ѝ ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ-семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период, или засекогаш?
„Експрес“: Дали е време темелно да се ревидира македонската евроинтеграциска политика, со оглед на тоа што се окрупнува мнозинството на македонскиот народ, кој веќе и не ни сака влегување во ЕУ под поставените услови?
Коцарев: Во однос на Македонија изразот „единствена алтернатива“ е бесмислен – па ние сме демократска земја и имаме право на избор, не само внатре во државата туку и во меѓународните односи, меѓу повеќе алтернативи: ЕУ, Европската политичка заедница, Движењето на неврзаните, БРИКС, Европската економска заедница, Иницијативата појас и пат, Отворен Балкан, зближување со други светски сили. Со ЕУ треба да преговараме само како Македонци, штитејќи ги клучните карактеристики на македонизмот. Загриженоста за иднината на Македонија е иманентна во секој дом и во секоја институција на државата, особено поради фактот што секоја држава, која својата иднина ја гради врз нелегални и насилно донесени документи, а такви се и договорите со Грција и со Бугарија, како и промената на Уставот од 2019 година, е осудена на пропаст, а нејзината иднина е неизвесна. Оттука, се наметнува прашањето за иднината на Македонија. Според моето мислење, можни се четири сценарија.
Прво сценарио. Македонија набрзо почнува со пристапните преговори за влез во ЕУ и, можеби, во наредните дваесетина години станува полноправна членка на ЕУ. Притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат, што е извесно дека ќе се случи во две етапи. Прво, поради отпочнување на пристапните преговори, Македонија ќе ги прифати бесмислените и ненаучни барања на Бугарија, според кои, Македонците до 1945 година биле Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Второ, поради упорното настојување на Грција воопшто да не се користат именката Македонија и сите нејзини изведенки, од една страна, а земајќи го предвид нашето присилно прифаќање на небулозните и ненаучните тврдења дека Македонците и македонскиот јазик се комунистички творби, од друга страна, македонскиот идентитет, Македонија и Македонците постепено ќе исчезнат како никогаш и да не постоеле.
Второ сценарио. Македонија одлучно ги одбива бугарските уцени, меѓутоа, претпоставувајќи дека Албанија прва ќе почне со пристапните преговори за влез во ЕУ, ова сценарио, секако, ќе предизвика фрустрација кај овдешните Албанци, кои ќе посакаат земјава да го следи овој пат. Иако Македонија се декларира како мултиетничка, а не како двоетничка држава, притисокот на етничките Албанци ќе биде таков што, можеби, ќе доведе до реализација на првото сценарио.
Трето сценарио. Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега, десет години подоцна, од отворените поглавја само три се привремено затворени, додека Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша пет години подоцна, во април 2005 година. Имајќи ги предвид наведените факти, многу е веројатно дека Македонија во наредните педесетина, или повеќе години нема да стане рамноправна членка на ЕУ, иако ќе ги исполни наметнатите бесмислени барања, кои го загрозуваат државниот суверенитет. Зошто? Некои членки на ЕУ, некои наши соседи, но и дел од политичката елита во Македонија, всушност, не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ-семејството, што досега многупати се докажа.
Третото сценарио подразбира Македонија да се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава во која царува распуштено, разуздано и бесно однесување, со еден збор, вистински башибозук. Македонија денес се наоѓа на еден чекор до таква состојба.
Четврто сценарио. Денес, во рамките на територијата што се нарекува Европа, постојат 50 суверени држави. Од нив 27 се членки на ЕУ, или 54 проценти, при што земјите членки на ЕУ опфаќаат 42 проценти од вкупната површина на Европа, а во нив живее 60 проценти од вкупното население на Европа. Така, 23 суверени држави, меѓу кои и Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија, не се членки на ЕУ. Последното сценарио подразбира да заборавиме на ЕУ и да почнеме со вистински реформи за просперитетна Македонија. Притоа, за да се оствари ова сценарио, во продолжение ќе се осврнам на две теми поврзани со владеењето во Македонија, што претставуваат предуслов за соочување со економските предизвици: (1) Македонија е граѓанска држава, па затоа треба да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија и да го замениме со граѓанска демократија. Досегашните повеќедецениски резултати во сферата на економскиот раст и развој, во сферата на развојот на демократијата, владеењето на правото, човековите права и слично, како и во другите клучни сфери на нашето живеење – образованието, науката, животната средина, културата, се изразито под очекувањата во споредба со другите држави. Тоа, пред сѐ, се должи на етномнозинскиот модел, со кој извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникума, што доведе до еродирање на демократијата, нестабилно владеење, што, всушност, се реализира преку два напоредни процеса: етнодиференцијација и фрагментација на општеството.
(2) Македонските влади не се политички, ниту експертски, а ниту се и компетентни. Спротивно на тоа, владите се резултат на пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, нестручни, корумпирани и нефункционални, што ги обезвреднува улогата и позицијата на парламентот, на институциите и правосудниот систем. Ваквото однесување, политичкото договарање и пазарењето, достигнаа кулминација во последните четири години. Наместо доследна примена на начелото на поделба на власта и создавање цврста институционална рамка за владеење на правото, во минатите три децении бевме сведоци на сѐ поголемо јакнење на позицијата на извршната власт, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономни сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт, и на државно и на локално ниво, е неопходно, па затоа е потребно, според моето мислење, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководењето на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата.
„Експрес“: Дали сакате да дополните уште нешто во ова интервју што сметате дека, исто така,е важно, а е пропуштено во претходните прашања?
Коцарев: Прашања има многу, но да оставиме дел од нив за друга пригода. Би сакал да би се заблагодарам за можноста јавно да ги изнесам моите ставови.
„Експрес“: Ви благодариме и вам, што се произнесовте преку нашиот информативен портал за најважните општествено-политички и историски теми, кои ги засегаат Македонија, македонската нација и сите граѓани на Македонија во овие моменти.





