Отворање на патот за бугаризација на Македонија

И бегла анализа покажува дека уцената да ги внесеме грстот Бугари во Уставот е добро замислена, долгорочна стратегија на Софија, којашто го отвора патот за бугаризација на Македонија. Ако некому тоа не му е јасно, никој не може да му помогне.

Народот заклучил дека никој не може повеќе да ти наштети, отколку самиот себе. Така, денес, државата Македонија ја уништуваат токму нејзините политички “лидери“, коишто отворено работаат за туѓи интереси. Просто да не веруваш. Спремни се на се’, само да се додворат на своите странски ментори кои, што е право, и ги донесоа на власт за дефинитивно да го затворат вековното “Македонско прашање“. Без никаков срам, го уништија достоинството на македонскиот народ, ја урнисаа неговата држава и сега брзаат кон финалната фаза, во која народот ќе биде дефинитивно разнебитен.



Незамисливо е какви квислинзи ја водат Македонија! Игнорираат се’, само да ги реализираат туѓите планови, со коишто се брише македонизмот. Последната таква бесмислица е промената на Уставот, со цел да се внесат непостојните Бугари во него. Божем не им е јасно дека со тоа се отвора пат за бугаризација на државата. Се однесуваат како да се паднати од вселената и не признаваат ниту уставен поредок, ниту национален идентитет на народот, ниту негов јазик, историја… Ништо.

Не им е свето ниту милениумското наследство, добиено од нашите предци, коишто со генерации и генерации се бореле и пролевале крв за оваа наша слобода. Тоа се реликвии коишто не смеат да се допрат или дискутираат, камоли да се бришат или уништуваат, како што се прави.

Го сменија името на државата и националниот идентитет на македонскиот народ; прифатија дека имаме заедничка историја со соседен народ, којшто не признава дека постоиме; преговараат за нашиот вековен, мајчин јазик; подготвени се да им поклонат на други се’, што со векови е наше…

Ова што ни се случува, пострашно е и од чума. Да слушаш, и да гледаш, и да не веруваш дека сето тоа е можно. А, се случува тука, пред нас. Пред наши очи и уши. Се чини дека македонскиот народ спие во длабок сон.

Уставот е главниот акт со кој се прокламира и регулира секоја држава. Само Обединетото Кралство го нема, ама таму е заменет со сет од закони. Негово непочитување и игнорирање, пак, насекаде е тешко кривично дело. Кај нас, и тоа не важи. Власта прави што сака. Пред некое време, промените на нашиот Устав ги договараа со соседна држава. Сега, ќе го менуваат затоа што тоа го бара друга држава…

Во целина, се однесуваат како државата да нема Устав. А, во него, јасно пишува (член 130) – “Предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат претседателот, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани“. И, што се случува? Предлогот доаѓа од Бугарија! И, нашите политички недомаќини го следат нивниот ултиматум, што е поразително, навредливо, понижувачко, срамно…

Во меѓувреме, веќе започнаа подготовките за промена на Уставот, коишто ги води Министерството за правда, иако Владата нема формален предлог за почеток на процедурата! На пресот со гостинот од Хрватска, премиерот дури најави дека прво ќе бидат формулирани новите амандмани на Уставот, потоа ќе следи поширока општествено дебата за истите, и дури тогаш ќе започне официјалната постапка за измени! Тоа е суштинско кршење на уставните одредби, со коишто се одредува процедурата, којашто има сила на закон.

Членот 131, пак, прецизира дека – “Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници“. Моментално, за такво нешто нема двотретинско мнозинство, и тоа изгледа недостижно. Дај Боже да остане така.

Овие два члена на Уставот јасно одредуваат дека без нивно исполнување, прво член 130, а потоа и член 131, не може да стане збор за некаква измена на Уставот. Дури откако тие два члена ќе бидат исполнети, може да се подготвуваат амандмани, да се организира широка дебата, и слично. Вака…

Ова, што сега ни се случува, не е злоупотреба на службената положба туку нелегална промена на уставниот поредок. Ако не се почитуваат уставните процедури, ние не сме ниту протекторат камоли сериозна и респектабилна држава.

Се игнорира дури и Уставната комисијата на Собранието, надлежна за овие активности, што е исто така надвор од умот. Таа мора да ја води постапката, да ангажира потребни експерти и да ги припрема амандманите. Во прашање е тежок криминал и тоа од историски карактер.

И, замислете, дел од пратениците гласаат за некакви експертски групи а, како што видовме, самата формална постапка воопшто не е започната. Можно ли е, пратениците да не се свесни дека го кршат Уставот? Еден ден, за тоа ќе мораат да одговараат.

А, власта, и не се обидува да ги прикрие своите злоупотреби и брутални нелегалности и, упорно, тера по свое. Никого, за ништо не есапи, божем државава им е оставена во некакво наследство. Како папагали, со сите нивни трабанти,  повторуваат дека тоа е во интерес на народот бидејќи земјата ја води во Европската унија. При што, грубо се игнорира фактот дека Унијата нема да се проширува уште долго. А, Македонија, откако (дали?) ќе ги започне преговорите, тие ќе траат најмалку 20 години. Бугарија и Грција, секојдневно ќе нѐ попречуваат и блокираат.

Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/kasape-e-na-drzhavata/