Доматите и пиперките се продаваа по 250 денари за килограм, краставиците достигнуваа до 180 денари, а гравот и до 350 денари за килограм. Двојно повисоките цени ги револтираа граѓаните, кои и за време на велигденските празници не можеа да си дозволат да купат овошје и зеленчук по пристојни цени, па така ништо не може да се планира ниту за претстојните првомајски празници. Продавачите на зелените пазари велат дека Владата нереално носи одлуки и не може да ги продаваат по пониски цени кога набавните им се високи.

– Работиме со загуба, бидејќи скапо ги купуваме производите, а сме принудени да ги продаваме по пониски цени од набавните. Целиот ќар паѓа во рацете на увозниците, кои изминатиов период прикажуваа лажни фактури за да имаат огромна заработка – велат трговците.
Домашните производители велат дека немаат никаква поддршка од државата, па затоа од ден на ден домашното производство сè повеќе тоне.
– Сето ова што го гледате кромидот, доматите… е увозно. Зошто е тоа така, затоа што ние немаме домашно производство, ние немаме ништо, немаме работници, младите не сакаат да работат за тие пари, си одат од државата секој ден – вели еден производител.
Инаку, Владата донесе одлука со која се утврдува цена во висина до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, ама по се изгледа сето тоа остана само празно ветување.
Потврда за тоа дека замрзнатите цени не се почитувале се казните на Државниот пазарен инспекторат, кој ги казни со над 20.000 евра трговците што не ги намалиле цените на овошјето и на зеленчукот.
И покрај контролите и високите казни, трговците и понатаму си тераат по свое, а Пазарниот инспекторат најави дека и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по одлуките на Владата. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној што се обидел на каков било начин да изврши прекршување на овие одлуки.





