Бугарската вицепремиерка за правосудни реформи и министерка з анадворешни работи Екатерина Захариева се надева дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија ќе биде ратификуван во Народно собрание во јануари.
„Договорот за добрососедство со Македонија е проследен од Владата до Собранието, не е ратификуван сè уште, но се надевам дека во јануари народните пратеници ќе го поддржат. Поважно е дека уште пред да се ратификува договорот, т.е. да стапи на сила, тој се исполнува. Дури и да беше ратификуван, ако нашите односи продолжија да течат на истиот начин, што од тоа дека сме потпишале Договор за пријателство и добрососедство“, изјави таа за Бугарско национално радио (БНР).
Според Захариева, една од придобивките на Договорот е слободното изразување на своето бугарско самосознание на граѓани на Македонија.
„Граѓаните на Македонија со бугарско самосознание и потекло веќе велат дека не се грижат да го кажат тоа јавно, не чувствуваат притисок како порано“, додаде таа.
Шефицата на бугарската дипломатија се осврна и на претседавањето со Советот на Европска унија во првите шест месеци од 2018 година.
„Поставувањето на темата за Западен Балкан многу високо во приоритетите на надворешната политика на нашите соседи директно ќе се почувствува и врз животот на секој бугарски граѓанин. Ако соседите ни се мирни, просперитетни, богати, членови на ЕУ и сојузници во НАТО, тоа ќе се одрази и врз животот на бугарските граѓани. Бугарија има интерес соседите да ни бидат стабилни на долгорочен план, не само за време на шесте месеци на бугарското претседателство“, нагласи Захариева.





