Министероот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција заедно со директорот на Клиничката болница во Тетово, д-р Плумб Вела, соопшти дека е суспендиран анестезиологот кој вчера сподели видео од пацинетки на оделот за киретажа во Тетовската болница.



„Во координација сме со многу други институции и со лекарската комора и јас барав веднаш да му се прекине работниот однос и да се одземе лиценцата за работа на овој доктор“, соопшти Меџити.

Директорот на Клиничка болница, Вела изрази жалење за настанот и појасни дека лично го пријавил случајот во полиција откако разбрал за објавената снимка.

„Тоа се случило на одделението за киретажа каде тој работел како анестезиолог. Додека вчера јас бев во Скопје видеото ми го прати еден новинар. Штом го видов видеото веднаш дојдов во Тетово и јас лично, како директор на болницата, случајот го пријавив во полицијата, бидејќи станува збор за сериозна работа. За случајот бевме во постојана комуникација со Министерството и министерот“, кажа Вела, како што пренесува А1.Он.

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи во Тетово, Фатмир Реџепи, изјави дека Обвинителството дополнително ќе треба да одлучи за постапката против 43-годишниот анестезиолог В.Д од тетовската болница, кој „во живо“ на Тик-Ток прикажуваше пациентки. 

Реџепи рече дека лекарот е осомничен за непочитување на професијата и неовластено снимање, пренесе ТВ21.