Отпуштен од работа анестезиологот „тик-токер“ Валтон Дервиши од тетовската гинекологија, оти снимал бремени жени и емитувал во живо

„Отпуштен е од работа анестезиологот Валтон Дервиши, кој направи скандал со директното вклучување во живо на тик-ток од салата на одделот за гинекологија на Клиничката болница во Тетово. Според министерот за здравство Фатмир Меџити, комисијата на Лекарската комора започнала процедура и за одземање на лиценцата за работа. Меџити најавува засилени контроли во сите здравствени установи, а од Обвинителството бара случаите како овој да бидат најстрого казнети.“ – објави ТВ Алсат.

„Не зборуваме за суспензија, туку за отпуштање од работа. Тој е уапсен. Го охрабруваме и Обвинителството да постапува по овие случаи до крај. Сите неправилности и пропусти ќе бидат казнети. Во здравството ќе има строги контроли. Отсега во здравството нема да биде исто како што беше.“ – рече министерот Меџити.

Директорот на болницата Пелумб Вела, кој случајот го пријавил во полиција, го потврди отказот за анестезиологот. „Изразувам жалење за случајот, што се случи во нашата болница. По добиената информација како директор случајот го пријавив во тетовската полиција. Потоа, во разговор со министерот, јас и организацискиот директор донесовме решение за престанок на работниот однос на ова лице, бидејќи направи повеќе прекршувања во работното време.“ – изјави директорот Вела.

„Околу 23 часот полицијата во тетовско Одри го лиши од слобода 43-годишниот В.Д. од ова село, бидејќи претходно бил пријавен од директорот на клиничката болница во Тетово дека во работното време во салата на гинеколошкото одделение снимал и објавил видео во живо додека медицинскиот персонал вршел работи врз пациентите од ова болница. В.Д. е задржан во СВР Тетово. За случајот е известен јавниот обвинител. По документирање на случајот против В.Д. ќе биде поведена соодветна пријава.“ – рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.