Никола Димитров најави дека ќе се враќал во политиката

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров најавува камбек во политиката.



Во гостување на ТВ 21, Димитров рече дека тој не престанал да биде активен во политиката по напуштањето на функцијата, но според најавата, тој наскоро ќе обзнани враќање на сцената преку граѓанско движење или политичка партија со која би настапил на следните избори.

„Јас долго време јавно зборувам дека не сум престанал да бидам активен. Сум работел со речиси сите и со сите сум се разишол и мислам дека тоа е здраво оти човек кога верува дека се фатиле кривини и не се оди по вистинскиот пат, многу е поздраво да се држи до своето убедување и совест отколку да вика магарето лета … Јас во блиска иднина ќе обзнанам на јавноста во каква форма ќе делувам, така што не би можел сега тој план да го обзнанам. Тоа што можам да го кажам е дека ние имаме проблем како граѓани, дека работите не ни се добри во државата, дека тој проблем нема да ни го реши друг – може да ни помагаат нашите пријатели и од Брисел и од Вашингтон, дека политичките партии нема да се разбудат и да кажат ’малку претеравме, можеби треба поинаку сега, подобро и на друг начин да ја водиме политиката‘. Граѓанството ќе мора да ги натера тоа да го прават“,

рече Димитров.

На дополнително прашање дали со ова потврдува дека политички ќе се активира, тој рече дека првиот чекор е да се види колку граѓани има што гледаат дека работата не е добра, колку граѓани има што сакаат во оваа држава да има ред и законот да важи на целата територија.

Нашиот спас, додаде Димитров, нема да дојде од еден човек и во вакви услови на големи искушенија, на тешки проблеми, на тешка криза на целиот систем, тој ќе зависи од тоа колку граѓанството ќе излезе од разочараноста и апатијата.

„Не само јас, туку и луѓето со кои разговарам и со кои споделуваме исти принципи и вредности, сакаме да го смениме системот. Системот може да се смени на еден или друг начин, за формата за неколку недели ќе зборувам повеќе. Луѓето кога мислат на избори мислат на позиции, на функции … ние сменивме луѓе што беа на функции ама нашата грешка беше што не го сменивме системот и тоа што го кажав како совет на нашите пријатели во Црна Гора, им реков ’нашата приказна што почна битката на добриот против лошиот, за жал, се претвора во оној третиот, во една ситуација кога сите стануваме грди‘,

вели Димитров.