Македонија му сврте грб на Трамп, ќе има ли санкции од САД?

Гласајќи во Генерално собрание на Обединети нации против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, Македонија се „квалификува“ за санкциите најавени од амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли.



„Никакво гласање во Обединети нации нема да направи никаква разлика во однос на одлуката на САД да ја преместат својата амбасада во Ерусалим, која ќе се спроведе бидејќи таа е правилна. САД ќе го запаметат овој ден во кој беа изложени на напад во Генерално собрание за самиот чин на остварување на нашето право како суверена нација. Ќе се сетиме на ова кога повторно ќе бидеме повикани да го направиме најголемиот придонес кон Обединети нации. И ќе паметиме кога толку многу земји ќе дојдат да нè повикаат, како што често го прават тоа, да платиме дури и повеќе и да го употребиме нашето влијание за нивна корист“, изјави Хејли.

Таа вчера беше подиректна во предупредувањето до земјите-членки на Генерално собрание.

„Претседателот внимателно ќе го набљудува ова гласање и побара да го известам за оние држави што ќе гласаат против нас. Ќе ја забележиме секоја од нив и секој глас за ова прашање“, рече таа, за на „Твитер“ да биде уште подецидна: „Во ОН секогаш бараат од нас да сториме повеќе и да дадеме повеќе. Па, кога донесуваме одлука, како израз на волјата на американскиот народ, во врска со тоа каде да ја сместиме НАШАТА амбасада, не очекуваме оние на кои сме им помогнале да целат на нас. Во четврток ќе има гласање за критикување на нашиот избор. САД ќе запишуваат имиња“.

Овие ставови на Хејли јасно покажуваат дека САД и нејзиниот претседател Трамп нема туку-така да поминат преку „изневерувањето“ од огромен број сојузници, меѓу кои и членките на Совет за безбедност, Велика Британија и Франција, па до (по)малите партнери, каква што е Македонија. Таа денеска избра да не биде воздржана, како Хрватска и Босна и Херцеговина, на пример, ниту да отсуствува од гласањето, како што сторија 21 од вкупно 193 членки на Генерално собрание, туку да се изјасни против САД, со кои по самитот на НАТО во Букурешт 2008 потпиша Декларација за стратешко партнерство и соработка.

Ако се има предвид дека македонскиот амбасадор во ОН инструкциите како да гласа во светската организација ги добива од Министерство за надворешни работи, се поставува прашањето, освен принципиелниот став споделен со 128 членки на Генерално собрание, кој и што стои зад гласањето „за“ за резолуцијата против САД од амбасадорот Василе Андоноски. Тој е шеф на Постојаната мисија на Република Македонија во Обединети нации во Њујорк од 14 март 2014 година, кога на чело на МНР е Никола Попоски, а претседател и тогаш и сега Ѓорге Иванов. Но, сега министер за надворешни работи е Никола Димитров како дел од Владата на Зоран Заев изгласана во Собрание на 31 мај, само еден месец по скопската мисија „ала Холбрук“ на заменикот-помошник на државниот секретар на САД, Хојт Брајан Ји.

Кога кон тоа ќе се додаде ветерот во грбот на Заев од американскиот амбасадор Џес Бејли и пред и по преземањето на власта, како што во завиткана форма посочуваат опозициски првенци, уште поголем е прашалникот врз денешното изјаснување на Македонија. Посебно во пресрет на самитот на НАТО во јули в година во Брисел, каде што токму Заев очекува Македонија да стане 30. членка на Алијансата во која главниот збор го имаат Американците.