Над 600.000 луѓе се очекуваат на денешните протести против пензиските реформи во Франција, објавија француските медиуми.



Се проценува дека до 70.000 луѓе би можеле да излезат на улиците само во Париз.

Покрај Париз, масовни протести може да има и во Тулуз, Монпеље, Брест, Нант, Марсеј и Рен.

Повеќе од 11.000 полицајци и жандармерија се очекува да го одржуваат редот за време на демонстрациите. За таа цел во француската престолнина ќе бидат распоредени околу 4.200 полицајци.

Француските власти предупредуваат дека на собирите може да учествуваат радикализирани граѓани, вклучително и членови на „жолтите елеци“.

Ова чќе биде 12-тиот национален протест против пензиските реформи.

Според синдикатите, во претходната масовна акција на 6 април учествувале околу 2 милиони луѓе.

Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, на улиците на француските градови излегле околу 570.000 луѓе.

На 16 март, француската влада одлучи да спроведе пензиска реформа со која се предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, заобиколувајќи го гласањето во Националното собрание.

Така беше усвоена реформата. Потоа следеа масовни протести на Французите, обично придружени со немири, кои беа организирани од радикалите и хулиганите кои се приклучија на демонстрациите.