„Јас не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор за стратегиски договор од национален интерес.



Не сум сигурна, но ќе проверам дали има некоја клаузула која би го спречувала тоа.

Во спротивност, пак ќе кажам, тоа е договор од стратегиски интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста“, изјави денеска вицепремиераката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

Првиот вицепремиер и координатор на изградбата на коридорите 8 и 10д, Артан Груби, на денешниот брифинг со новинарите информираше дека договорот со компанијата „Бехтел и Енка“, која треба да ги гради автопатите нема да биде објавен во јавност, затоа што е класифициран како бизнис тајна.

Договорот со „Бехтел и Енка“, деновиве ја бранува јавноста по информациите дека во него се содржани клаузули со кои државата се обврзува да исплаќа милионски трошоци доколку не се зголеми работната недела од 40 на 60 часа за работниците кои ќе бидат ангажирани на изведбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум.