
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја демантираше изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој рече дека дури и Собранието да го донесе законот за 60 часовна работна недела по истекот на 45 дена од потпишувањето на договорот помеѓу Владата и „Бехтел и Енка“ ќе мора на изведувачот да му платат 53 милиони евра.
Единствено што знаат е да шират хистерија, лаги и да блокираат во Собранието, вели Ковачевски и додава дека тоа го прават со сите законски решенија во време на пандемијата, енергетската криза и го прават истото со сите големи инфраструктурни проекти.
Премиерот потенцираше дека изјавата на Николоски е „обична лага и ширење на невистини“.
Договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан врз основа на посебен Закон, одобрен во Собранието од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување, што беше јавно потпишан во присуство на амбасадорот на САД и од страна на институциите задолжени за потпишување на договорот, појаснува Ковачевски.
Додава дека во договорот, којшто е над 400 страни се дефинирани сите услови за изградба на овој автопат и оти постојат одредени активности што можат да се направат, а сега се дел од парламентрната процедура.
Тоа се измени на неколку закони во однос на обезбедување на услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи автопатски делници, односно Коридорите 8 и 10д. Намерата е да се изгради модерен автопат во период од пет години со сума што е соодветна за изградба на таков модерен автопат и соодветно на тоа пратениците имаат можност тие законски одредби да ги одобрат, нормално согласно со процедурите и дисукијата во Собранието. Сите други одредби се согласно со специјалниот Закон што е изгласан, вели премиерот.





