Македонска партија се поклони на гробот на еден од најголемите крволоци на 20 век

Делегација на партијата Левица во Тирана оддала почит на гробот на албанскиот државник Енвер Хоџа.



Хоџа кој со Албанија владееше 4 децении важи за еден од најсуровите комунистички лидери кој според железните методи на владеење се става во редот на Сталин, Мао Це Тунг или Пол Пот кои се на листата на најкрволочни државници од чии раце загинале милиони луѓе.

Хоџа бил особено крволочен кон носители на национални идеи меѓу нив и голем број Македонци кои живееле во Албанија под негова власт.

,,Денес (11 април 2023), по повод 38 годишнината од неговата смрт, официјална делегација на Левица на највисоко ниво, составена од претседателот проф. д-р Димитар Апасиев и членовите на Президиумот – м-р Реџеп Исмаил Хактан и Гораст Муратовски, оддадоа почит пред вечното почивалиште на албанскиот државник, партизан и комунист Енвер Хоџа (1908-1985) – поранешен премиер на Народна Република Албанија во периодот по Втората светска војна”, стои во соопштението на Левица според која Хоџа бил посветен и антиревизионистички левичар и основоположник на современата албанска држава и прв секретар на ЦК на Комунистичката партија на Албанија (подоцна преименувана во Партија на трудот), која беше основана со југословенска и советска поддршка.

Според Левица овој француски студент станал симболот на антифашистичкиот отпор на нашите соседи против италијанската окупација, делувајќи како политички комесар на Народно-ослободителната армија на Албанија.

,,Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели: беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5% на 90%, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата. Тој водеше беспоштедна борба против локалните великопоседници, клерот и племенските старешини, кои го држеа народот во класна потчинетост и незнаење. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија.

Новите геополитички прилики кои ги живееме, наговестуваат време на големи промени кон подобро и конечно ослободување на народите од Балканот од уназадувачкото слугување на туѓи интереси. Левица, во духот на интернационализмот, смета дека вистинската политичка еманципација и соживот помеѓу народите е можен само преку доследна социјалистичка платформа која ќе ги елиминира сите појавни форми на експлоатација и класно угнетување на соседните народи”, сто во рекцијата на Левица.

Во времето на Енвер Хоџа Албанците не можеле да излегуваат од Албанија а од село во село или од град во град се патувало само со специјални дозволи.

Десетици илјади луѓе завршиле во затвор или во кампови поради прозападни идеи, голем дел од нив биле Македонци кои со децении не можеле да ги видат своите браќа и сестри по затворање на границата за време на Информбирото во 1948 година.

Во негово време во земјата која беше убедливо најсиромашна и најстрога кон своите граѓани биле изградени над 2,5 илјади бункери за одбрана од замислената странска агресија.