„ТЕЦ Неготино“ останал без мазут, затоа била исклучена централата, објави Телма

„ТЕЦ Неготино“ останал без мазут, и токму затоа била исклучена централата, пишува Телма. Кога во петокот на полноќ беше исклучена од мрежата и престана да произведува струја, беше соопштено дека причината е топлото време, скапата цена на производство во однос на берзанската и почеток на ремонтот. Но, според документ до кој дојде Телма, причината била затоа што немало редовна достава на мазут од страна на доставувачот РКМ. Во писмена комуникација меѓу врвот на ТЕЦ и ЕСМ до кои дојде Телма, во петокот претпладне стигнала наредбата од централата во Скопје да запре производството, кое првично било планирано да трае до крајот на април.



Од ЕСМ не одговорија на нашите прашања зошто при договор за набавка на 190.000 тони мазут од РКМ, снемало мазут и прекинала испораката, 23 дена пред рокот планиран за гаснење на електраната. Ревизорскиот извештај за МЕПСО кој денеска е објавен открива и дека милиони евра биле исплаќани на ТЕЦ Неготино за електраната да биде ладна резерва.

Од 2019-та до 2021-ва година, МЕПСО исплатил 532 милиони денари на ТЕЦ Неготино, односно околу 8,7 милиони евра за да обезбеди струја во системот при криза. Но, кога избива енергетската криза и прогласена е во ноември во 2021 година, ТЕЦ не почнува да произведува електрична енергија, туку е раскинат договорот за ладна резерва со што парите не се искористени. Така е прекршен законот за обезбедување на струја во кризни ситуации.

Надлежните се правдале дека не ја вклучиле термоцентралата затоа што тогаш не било исплатливо производството на струја и цените биле повисоки од берзанските на Хупекс. Потоа почнува државно производство на струја во ТЕЦ Неготино со мазутот купен од РКМ, кој во април не обезбедил редовна испорака на горивото.