Населението на Украина до 2030 година може да се намали на 24 милиони луѓе, а до 2100 година депопулацијата ќе достигне речиси половина од сегашниот број, се наведува во напис на украинската вебстраница „Вести.уа“.
„Според проценките на ОН, до 2100 година населението на Украина ќе се намали за 45 проценти. Според Државната служба за статистика на Украина, од почетокот на 2021 година смртноста е зголемена за 25 отсто во споредба со истиот период претходната година“, се вели во текстот.
Материјалот содржи податоци од голем број социолози, на пример, Ела Либанова, раководител на Институтот за демографија и социјални истражувања, која тврди дека Украинците кои ја напуштиле земјата по почетокот на конфликтот, пред сè помладата генерација, нема да се вратат, туку ќе претпочитаат да се населат во Европа.
„Ако домовите на луѓето се уништени и немаат работа, нема каде да се вратат“, вели таа.
Демографот верува дека до 2030 година населението на Украина ќе се намали на 24-32 милиони луѓе, 2023 година ќе биде година на катастрофален пад на стапката на раѓање и на висока стапка на смртност не само поради воените операции, туку и поради стрес, преоптоварување, лоша исхрана, недостиг на медицинска нега.
Според Либанова, покрај оние кои веќе ја напуштиле земјата, може да емигрираат и до пет милиони луѓе.
Олександр Гладун, виш истражувач во Институтот за демографија и социјални истражувања, дели слично мислење, тврдејќи дека европските земји ќе ја стимулираат емиграцијата од Украина.
Според социологот Јуриј Гаврилечко, пред сè, такви групи луѓе како бизнисмени, родители со деца запишани во европски образовни институции, луѓе кои создале нови семејства во странство и пензионери на кои им е подобро во странство отколку дома, нема да се вратат во Украина. Во исто време, социологот забележува и загуби за време на конфликтот со Русија, при што умираат возрасни обучени специјалисти со работно искуство, што ќе доведе до криза на пазарот на трудот.






