Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ се осврна на низа нелогичности во договорот со американско-турската компанија „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници во Македонија.



„Не ги обвинувам странците, вклучително ни американската амбасада, тие си ги бранат своите интереси и се борат нивни компании да прават што повеќе бизнис тука. Но, зошто да не ги градат автопатите наши градежни фирми, кога тие ќе се прават со наши пари, а не со странски кредити? Кој национален интерес е автопатите да ги градат странци со наши пари?“, праша тој.

„Освен тоа, зошто без тендер и како се дојде до сумата од 1,3 милијарди евра? За Демир Капија – Смоквица, на пример, имаше тендер и на него се пријавија 15 компании и затоа еден километар чинеше нешто над 6 милиони евра, а Гостивар – Кичево излегува 12 милиони по километар? Кичево – Охрид просечно чинеше 5 милиони евра, со сите тие мостови, вијадукти и слично. ‘Бехтел и Енка’ се познати по високите цени. Меѓу 15 и 20 милиони евра чинеше километар во Албанија“, додаде Кржаловски.