Утре протест на заштитниците на културното наследство – Се засилува отпорот против измените на законите за коридорите 8 и 10-д

Македонското археолошко друштво (МАД) и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети-ИКОМОС најавија мирен собир за утре во 10 часот во паркот „Жена борец“, спроти Собранието, од каде што ќе го искажат својот револт од предлогот на група пратеници за измени во Законот за заштита на културното наследство, кој е во собраниска процедура по скратена постапка. Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС упатија апел на протестот да им се приклучат претставници од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од установите за заштита, како и сите засегнати граѓани – пренесе порталот 360 степени.



Од МАД и ИКОМОС сметаат дека предложените измени и дополнувања се на штета на културното наследство и тие се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност, чија професионална дејност е да го истражува и заштитува културното наследство, согласно Уставот и релевантните закони.

Од Македонското археолошко друштво вчера ги повикаа пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратеници предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации. Од Македонското археолошко друштво апелираат до пратениците во Собранието да ги разбудат своите свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство.

Освен за Законот за заштита на културно наследство, пратениците ќе треба да се изјаснат и за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.

Предлог-измените и дополнувањата на законите, предложени од пратеници од партиите од мнозинството, се поврзани со изградбата на автопати од коридорите 8 и 10-д.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, денеска побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, и од пратениците да го повлечат дневниот ред на утрешната седница во парламентот на кој треба да се најдат девет предлог-измени на закони поврзани со коридорите 8 и 10-д.

Целиот текст на следниот линк: