Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го обвини својот наследник, демократот Џо Бајден, дека се обидува да ја префрли одговорноста за повлекувањето на американските трупи од Авганистан во 2021 година, кое го опиша како „некомпетентно предавање“.
„Овие идиоти во Белата куќа кои систематски ја уништуваат нашата земја, предводени од најголемиот идиот од сите нив, безнадежниот Џо Бајден, имаат нова игра на дезинформации за да го обвинат Трамп за нивното грубо некомпетентно предавање на Авганистан. Гледав како се одвива оваа катастрофа заедно со сите останати“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.
Поранешниот станар на Белата куќа го обвини актуелниот американски претседател дека наредил од Авганистан прво да се евакуират воените, а не на граѓанските лица, дозволувајќи оружје и воена опрема вредна „85 милијарди долари“ да падне во рацете на талибанците, како и убиства на американски војници.
„Бајден е виновен за ова и никој друг!“, нагласи Трамп.
Неговата изјава беше темпирана да се совпадне со објавувањето на извештајот на Белата куќа за Авганистан, од кој произлегува дека администрацијата на 45. американски претседател не развила јасен план за повлекување на американските војници од земјата и е виновна за грешките направени од Вашингтон уште во 2021 година.
Белата куќа нагласи дека повлекувањето на американските војници од територијата на Авганистан било неизбежно, бидејќи продолжувањето на нивното присуство не можело радикално да ја промени ситуацијата во оваа држава.






