Во присуство на поголем број гости и жители на општина Пустец денеска беше одбележана 30-годишнината од првиот број на македонскиот весник „Преспа“. За тридецениското опстојување на весникот, почетоците и проблемите со кои се соочувала редакцијата на весникот зборуваше уредникот Ефтим Митревски. На свеченоста присуствуваше и македонскиот амбасадор во Тирана Данчо Марковски, градоначалникот на Пустец Пали Колефски, Илинден Спасе, синот на познатиот писател Стерјо Спасе, претседателот на македонската партија МАЕИ Васил Стерјовски и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Присутните ги поздрави и Стерјовски во името на единствената партија на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). „Денеска е ден за славење за Македонците во Албанија. Денес се прославува 30 години од основањето на првиот печатен весник на македонски јазик во Албанија, весникот „Преспа“. Весник кој го основа Спасе Мазенковски и кој се вгради себеси во весникот се до денот кога прерано нѐ напушти, на 30 мај 2018 година, оставајќи неизбришливи траги во историјата на Македонците во Албанија – рече тој.
Според него весникот „Преспа“ ја поврза својата судбина и живот со животот и судбината на Македонците во Албанија и успеа да стане глас на Македонците во Република Албанија. „Преспа“ во изминатите 30 години опфати теми од сите области на животот на Македонците во Албанија давајќи голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците.
„Тоа е весникот со кој пораснавме. Секој број на весникот ‘Преспа’ со нетрпение се чекаше од читателската публика, без разлика на возраста. Историјата на весникот ‘Преспа’ е историја на македонскиот народ во Албанија. Овој весник, кој беше прв весник на македонски јазик за Македонците во Албанија, имаше големо значење за заштитата на македонската култура, традиција и идентитет на Македонците во Албанија. Тој не само што нѐ информираше со најновите вести и информации од македонската заедница, туку и го потенцираше значењето на нашата култура и идентитет во албанското општество.“ – посочи Стерјовски.
Стерјовски укажа дела Македонците во Албанија се соочуваа со многу предизвици во минатите години, но „Преспа“ им беше прекрасен извор на поддршка и инспирација. Овој весник, како што рече, ни даде глас, и ни помогна да се слушнеме и разбереме, ние Македонците во Албанија. „Да се опстои 30 години без никаква финансиска поддршка од државните институции на Албанија, низ сите предизвици кои минале и се уште минуваат Македонците во Албанија, а заедно со нив и’„Преспа’, е навистина голема и одговорна работа. За тоа треба да им се заблагодариме на сите, кои дале придонес да не згасне овој весник. Честитки за главниот и одговорен уредник Ефтим Митревски и целата редакција на весникот ‘Преспа’. Да славиме уште многу јубилеи на ‘Преспа’ и сите заедно да продолжиме да го одржуваме овој македонски бренд во Албанија.“ – посака Стерјовски.
Максим Димитриевски од Мала Преспа порача дека Македонија мора повеќе да се грижи за своите граѓани надвор од границите на државата. „Импресиониран сум од заложбата на Македонците за зачувување на македонизмот на овие простори. Многумина од Македонија можат да учат од нив.“ – рече Димитриевски.
Home Македонија Стерјовски: Весникот „Преспа“ е гласот на Македонците во Албанија, историја за нивниот...





