Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски, го сподели својот сон со шпанската телевизија Телемадрид, а тој е да ја заврши кариерата со настап на Светското првенство во 2030 година, за кое заедничка кандидатура поднесоа Португалија и Шпанија, каде што тој брани за Рајо Валјекано.



„Мојот сон би бил да ја завршам кариерата во репрезентацијата играјќи на Светското првенство во Шпанија и Португалија во 2030 година. Тогаш ќе имам 36 години“, изјави 29-годишниот чувар на македонската мрежа со 60 настапи за „црвено-жолтите“, меѓу кои и трите на историското деби на Европскиот шампионат 2021.

Димитриевски ја игра својата петта сезона во Рајо и вели дека не би имал против шпанскиот прволигаш да му биде и последен клуб во фудбалската кариера.

„Валјекас е посебен стадион и неговите навивачи се единствени, горд сум и среќен што играм овде. Доаѓам од многу поскромно соседство од Валјекас, ова соседство и овој клуб ме исполнуваат. Имам договор за уште една година и секако немам проблем да останам овде. Ако потпишам нов договор, можеби тука ќе ја завршам спортската кариера. Подоцна би можел да бидам тренер или нешто друго во Валјекас. Немам проблем да му го дадам животот на Валјекас бидејќи Валјекас ми даде многу работи“.

Во интервјуто не пропуштија да го прашаат и за побараниот и добиен елек од тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти.

„Тоа е спомен кој ќе го имам цел живот. Сакам посебни и различни работи, го чувам во витрина што ја имам со кошули и сувенири. Кога ќе се пензионирам, ќе можам да се потсетувам и ќе биде многу посебен“, одговори Димитриевски.