Нема зголемување на платите на вработените во културата и покрај протестите. Тие на 7 април имаа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, но тој не го прифати барањето за зголемување на платите. Бесими на средба ги прими претставниците на УПОЗ и министерката за култура, но не го прифати барањето да се склучи нов Колективен договор со кој платите ќе им се зголемат за 30 проценти.

Склучување на колективен договор и покачување на платите по принципот на Министерството за финансии и денеска побараа вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, за време на протестот што се одржа пред Владата.
Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски повтори дека нивното единствено барање е да имаат достоинствени плати.
– Едноставно, не може човек а да не се праша, дали во државата во која владее правото, не треба секој подеднакво да ги ужива своите основни човекови права? Како може видлива група од 190 вработени во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм да биде толку невидлива за надлежните во државата? Зарем егзистенцијалниот проблем на 190 вработени од секторот култура е прашање за кое не може да се најде решение, рече Костовски на денешниот протест.
Тој порача дека ќе продолжат со протестирање секој ден, се до исполнување на нивното барање кое, како што рече, се сведува на добивање согласност од Министерството за финансии, со што ќе се овоможи потпишување на колективен договор и конечно ќе се реши проблемот на вработените во секторот култура.





