Пентагон истражува „пробивање“ на безбедноста откако на социјалните мрежи беа обелоденети доверливи документи кои ги покажуваат плановите на САД и НАТО да и помогнат на Украина во нејзината пролетна офанзива против Русија, пишува Њујорк Тајмс.
„Свесни сме за овие извештаи на социјалните мрежи и Стејт департментот го разгледува ова прашање“, рече заменик портпаролката на Стејт департментот Сабрина Синг.
Документите се раширени на Твитер и Телеграм, а наводно содржеле мапи и детали за испораката на оружје, силата на баталјонот и други чувствителни прашања.
Информациите од документите се стари најмалку пет недели, а најблизок датум е 1 март.
Во еден текст се наведува планираната обука на 12 украински борбени бригади и дека девет од нив се обучуваат од силите на САД и НАТО, како и дека им се потребни 250 тенкови и повеќе од 350 механизирани оклопни возила, додава њујоршкиот весник.
Се додава дека документите, од кои барем еден е означен како „строго доверливо“, биле циркулирани преку проруските владини канали.
Дописникот на „Волстрит журнал“ за надворешна политика, Јарослав Трофимов, објави дел од тајните документи.
На левата фотографија се автентични документи, а на десната се оние кои се чини дека се модифицирани од режимот во Москва, објави на Твитер Трифонов.
Ова може да се заклучи од изменетите бројки, па така во левиот документ се наведува дека Русија претрпела загуби од 43.500 воени жртви, додека во изменетиот документ тој број е намален на 17.500.
Исто така, бројот на уништените руски воени возила „паднал“ од 6004 на 600. Исто така, во веродостојниот документ се наведува дека Русите изгубиле 72 борбени авиони и 82 хеликоптери, додека во модифицираниот е намален на 7 борбени авиони и 8 хеликоптери.







