Македонска берза го објави месечниот статистички билтен за март 2023. Најинтересни за тргување биле акциите на четири банки – Комерцијална, НЛБ, скопската Стопанска и ТТК. Во друштвото е и „Алкалоид“, кој ја разбива банкарската „монотонија“ во топ пет најтргувани акции.
Акцијата на Комерцијална банка е на челната позиција како најтргувана на македонскиот пазар на капитал. Тоа го покажува и месечниот билтен на Берзата.
Просечната цена што ја достигнала акцијата на најголемата македонска банка е 12.252,49 денари. Во текот на минатиот месец биле истргувани 7.382 акции. Конкретно, со акциите на Комерцијална банка бил направен промет од 90.447.855 денари или 1.466.219 евра, а нејзиното учество во вкупниот берзански промет било 38,56 отсто.
Втората најтргувана акција на официјалниот пазар на Берзата е на македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ АД Скопје. Се работи за истргувани 3.578 акции по просечна цена од 17.930,36 денари. Вкупниот промет што во март бил достигнат со акциите на „Алкалоид“ изнесувал 1.039.914 евра или 64.154.837 денари. Со тоа, во вкупниот промет има удел од 27,35 проценти, покажува билтенот на Берзата.
Акцијата на НЛБ Банка минатиот месец имала просечна цена од 26.088,29 денари. Вкупниот промет постигнат со оваа акција изнесува 25.253.466 денари или 409.335 евра, што претставува учество од 10,77 отсто во вкупниот промет.
Уште една голема банка се најде во славната петорка. Станува збор за Стопанска банка АД Скопје. Акцијата на оваа банка минатиот месец имала просечна цена од 1.311,85 денари, а вкупниот промет кој бил постигнат е во износ од 10.900.150 денари или 176.687 евра и во вкупниот промет учествува со 4,65 отсто..
Во друштвото на најтргуваните е и акцијата на ТТК Банка Скопје, со просечна цена од 1.360,34 денари, и со постигнат промет од 9.408.112 денари или 152.499 евра. Од аспект на вкупниот промет, тоа претставува учество од 4,01 процент.
Линк до целата анализа на пари.мк.






