Минатогодишните победници на NASA Space Apps Challenge во Скопје, ќе го посетат NASA Kennedy Space центарот во сад

За прв пат на 10то издание на натпреварот „NASA Space Apps Challenge“ во Скопје, во октомври 2022 г. два тима заеднички го понесоа првото место: AERTH и YCCC-SPACE EAGLES. За оваа победа од домашните организатори, тимовите добија ексклузивно патување во NASA Kennedy Space центарот во Флорида кое ќе се реализира во следниве две недели (5-15 април 2023 година). Тимот AERTH дополнително го доби и признанието Honorable Mention на глобално ниво. За време на патувањето нашите млади таленти ќе имаат можност да се запознаат со бројните иновации изложени во NASA Kennedy Space центарот и со предизвиците кои требале да ги надминат инженерите на NASA и на приватните компании за вселенски истражувања од САД, како и да се запознаваат и поразговараат со експерти на NASA, а и да гледаат во живо полетување на ракета.



Во Република С. Македонија натпреварот „NASA Space Apps Challenge“ се случува уште од 2013 година, во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс Скопје, со традиционална поддршка на Амбасадата на САД во земјава, а го води Ирена Чаушевска Даниловска како лидер на локацијата. Од оваа година меѓу партнерите на натпреварот и на патувањето се вброи и Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР.

Значајна поддршка на патувањето на двата тима во NASA Kennedy Space центарот дадоа и Фондацијата ЗАЕВ Едно општество за сите, компанијата АЛКАЛОИД а.д. Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, како и Фондацијата АЛБИЗ.

„NASA Space Apps Challenge“ е најголемиот хакатон во светот инициран и предводен од страна на NASA (Националната управа на САД за аеронаутика и вселенски истражувања) којшто истовремено се одржува во дури 162 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет кои се натпреваруваат во решавање на реални проблеми со кои се соочува Земјата и вселената, а кои се зададени од страна на научници и експерти од NASA. Се организира од 2012 година од страна на NASA, а го менаџира Директоратот за Научни истражувања – Дивизија научни истражувања за Земјата, при централата на НАСА во Вашингтон, САД. Во 2022 година на светско ниво учествуваа 31.000 млади кои креираа над 3.000 проекти, а од С. Македонија досега учествувале над 1500 учесници, од кои во најголем дел биле средношколци или студенти.

За време на престојот во Флорида, САД, членовите на тимовите AERTH и YCCC-SPACE EAGLES ќе имаат можност да се запознаат со технологии и решенијата за вселенската индустрија кои се многу значајни и за животот на Земјата, но и со сѐ попрофитабилните индустрии кои вклучуваат вештачка интелигенција, машинско учење, наука на податоци и обработка на податоци од сателити каде со комерцијални решенија и веб апликации можат да конкурираат и иновативни компании и од помалите земји.

 

Тимот AERTH креираше решение со чија помош корисниците можат да го следат, но и предвидуваат движењето на Меѓународната Вселенска Станица International Space Station притоа учејќи многу интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија. За изработка на ова решение, тимот користеше знаења од математика, орбитална механика, физика и програмирање. За да го испробате нивното решение продолжете на нивната веб страна https://aerthisstracker.study. Нивниот целосен проект е достапен на https://2022.spaceappschallenge.org/…/teams/aerth/project.

 

Тимот YCCC-SPACE EAGLES пак се фокусираше на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб страна преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси таканаречени moonquakes, преку податоци добиени од NASA добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите кои ги имаат оставено астронаутите од Apollo мисиите. За да разгледате што направија кликнете на https://www.moonquakes.earth Нивниот целосен проект е достапен на https://2022.spaceappschallenge.org/challenges/2022-challenges/moonquake-map/teams/space-eagles-yccc/project.

 

Во NASA Kennedy Space центарот ќе патуваат Анди Ганиу, Кренар Ахмети, Дијар Селами, и Ендрит Шаќири, сите средношколци во 4та година од тимот YCCC-SPACE EAGLES, и Илин Московски, Матеј Крстески, Леонид Индов, Мирослав Мишоски, и Марио Блажевски, сите средношколци во 3та година од тимот AERTH, како и Марко Лазетиќ како ментор.

 

Сите новости и случувања за време на патувањето ќе ги објавуваме на https://www.facebook.com/NASASpaceAppsMKD. Следете нѐ!