Многу се јаки на вилица, бе, овие. Се отепаа од слогани и кампањи. Те „Живот во Македонија за сите“, те „Можеме уште повеќе, уште подобро“, па „На прав пат“ и, најново, „Рамо до рамо“. Или, по „амерички“ (хм!), „Шолдер ту шолдер“.



А по нашки? Прво што на човек му паѓа на памет е „Рамо, Рамо, друже мој“ на Мухарем Сербезовски. „Дали го слушаш моето липање“ („Дали чујеш јецај мој“) прашува легендарниот македонски пејач во својот безвременски хит. Да не му ја дума многу веројатно најпознатиот Ром роден во скопска Топаана, Таче и компанија му благодарат за прашањето, а одговорот им е познат и ним, и на сите останати во жална Македонија.

„Рамо до рамо“, а? Значи ли тоа дека овие што глумат изненаденост од одлуката на Уставниот суд, но не и навреденост од зголемувањето на нивните плати за 78 проценти, ќе се солидаризираат со рајата, па ќе се откажат од покачувањето? Или ќе се прават наудрени како првиот пендрек додека се фали на цел глас дека, на пример, тие што ги чуваат од гневот на народот и него, и булументата арамолепци на државна дојка како него, ќе добијат „повишица“ од дури 50 евра, и тоа бруто?!

„Рамо до рамо“, нели? Колку тоа гордо, егалитаристички, звучи! Демек, сите сме еднакви под ова небо. Како не, бе! Некој без усул ќе си го товари магарето, а сите други околу него ќе ги прави магариња со некакви трошки како – замрзнување на јајцата?! Е, многу им помогнаа! Денарче по денарче, заедно со укинатата радиодифузна такса, ехехеееј! Како не им текна порано?

„Рамо до рамо“ со народот, ќе посетеле 946 населени места ширум татковината. Мислат на истиот оној народ што пред пет години го прашаа, а потоа без око да им трепне не го послушаа и (му) ја преименуваа татковината, за да се објаснува по белиот свет дека не дал дозвола за тоа и оти „северна“ му стана најомразената придавка? Или мислат на народот што мува не ги лази кога го игнорираа(т) додека јавно и јасно им става на знаење што мисли за двојазичноста или за уставните измени?

Доаѓале „со крената глава“ и ќе дале отчет за сработеното во изминатата година? Хахахахаха!!! За шест години власт шајка немаат заковано, а шампиониве по тепање мандат без да се мрдне со прст отчет ќе давале! Да не е трагично, би било смешно.

Го заштитиле стандардот на граѓаните (?), па сега им останало уште само да обезбедат заштита од „деструктивната континуирана омраза на опозицијата кон народот“! Види богати, опозицијата го мразела народот, а тој упорно, на сите можни анкети, ѝ дава огромна предност пред власта?!

Чуден некој народ, нема што. Го сака тој што го мрази. А бе не им се погоди, и тоа ти е. Ене, заљубените во безлични изрази од типот на „нашата земја“ почнаа да му се додворуваат со патриотски описи како „македонска држава“, „европска Македонија“, ризикувајќи „заушка“ од Грците. Џабе. Затоа, не е ни чудо што веќе не ни кријат дека мечтаат по Непалци и Пакистанци…

Во очекување на таа армија „среќници“, кои ќе пееле додека шљакаат за 200 евра, на неблагодарнициве што не знаат да го ценат ни зголемениот поврат на ДДВ за цели 300 денари им преостанува само да запеат „Рамо, Рамо, друже мој“. И онака нивното липање не допира до ушите на „државотворците“. Зафатени се тие со мижење додека другарчињата им играат фудбал и кошарка по министерства помеѓу две пресметувања провизии. А заедно си играат играчки со државата.