Доматот поевтин во маркет, отколку на пазар – од денеска 11 вида овошје и зеленчук се продаваат по замрзната цена, ама не секаде

Доматите, краставиците, кромидот, пиперките поевтини во маркет отколку на пазар. Откако стапи на сила владината одлука – овошјето и зеленчукот да се продаваат по замрзната цена, не секаде тоа се почитува. Додека пак во малите пиљари и гранапи дел од зеленчукот веќе го снема од рафтовите, зашто трговците немале есап да го продаваат со загуба. Доволно е да се направи обиколка низ поголемите маркети каде може да се забележи дека од сега доматите се продаваат по 70 денари за килограм. Краставици 75, кромидот 60, пиперките 90 денари, ама не сите, пиперки има и по 250 денари за килограм. Но ваква нее сликата на зелените пазари, каде трговците се уште се немаат прилагодено по новите правила.



На тезгите цените не се променети, зашто како што велат трговците, увезената цена била многу висока, па затоа тезгаџиите немаат ќар за да ја намалат цената како што бара Владата. На дел од тезгите по зелените пазари немаше домати, ама онаму каде останале, робата велат им била од вчера, но не по намалена цена.

Граѓаните со душа чекаат да купат поевтино. Но велат дека овошјето и зеленчукот за добар дел од нив и натаму е луксуз. Велат Владата е таа која го раскарал народот, додека за нив си покачуваат плати.

Одлуката за определување највисоки цени за овие видови овошје и зеленчук ќе трае до крајот на годинава. Одлуката е донесена согласно направените анализи, а во кои било забележано дека има големи маржи кои изминатиот период стасале и до 250%.

Инаку, ова е петто замрзнување на цените оваа година. Пред овошјето и зеленчукот беа замрзнати цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки.