Зошто се издадоа државни обврзници од 35 милиони евра? Каде испрарија 600-те од еврообврзницата?

Откако пред околу еден месец државата се задолжи за 600 милиони евра преку еврообврзница, сега изгледа дека повторно ѝ требаат пари. Затоа реши да побара на домашниот пазар, и тоа издавајќи државни обврзници, на сума од близу 35 милиони евра, анализира Фактор. Издадени се неколку домашни обврзници, а почнувајќи од вчера тие ќе котираат и на Македонската берза за хартии од вредност.



Инаку, овие домашни државни обврзници биле издадени на 30 март, а од вчера почнаа да котираат и на пазарот на капитал.

Првата државна обврзница е без девизна клаузула, на сума од 688,8 милиони денари или 11,2 милиони евра. Таа е 15 годишна, бидејќи има датум на достасување на 30 март 2038 година. Каматната стапка изнесува 5,9 проценти, што е сепак пониско од каматата по која земјава ја издаде еврообврзницата. Вторта државна обврзница е со девизна клаузула, на вредност од 309,2 милиони денари или пет милиони евра, а рокот на доспевање е исто така 15 години. Каматната стапка е 5,65 проценти. И третата ваква државна хартија од вредност е државна обврзница без девизна клаузула, со камата исто од 5,9 проценти годишно. Таа е на прилично поголема сума, 1,13 милијарди денари, односно 18,3 милиони евра. Рокот на достасување е исто така 2038 година.

Како што е познато, на 6 март годинава државава издаде еврообврзница на сума од 600 милиони евра.Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 отсто, додека дополнително 100 милиони евра дојдоа од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија, по каматна стапка од приближно 3 отсто, соопшти тогаш Министерството за финансии.

Mинистерот за финансии, Фатмир Бесими рече дека новата еврообврзница нема да ја чини државата поскапо од пропадната, поради намалувањето на стапката на инфлација за март во однос на февруари. Инаку, за да се издаде новата обврзница, се чекаше потпис од новиот министер за правда, а за да не се повтори истата ситуација, Бесими најави и законски измени.

Инаку, тогаш Министерството за финансии објави дека еврообврзницата поминала успешно, со четирипати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата.

А треба да се спомене дека последната државна обврзница беше емитувана на средината на февруари, додека се чекаше изборот на новиот министер за правда и повторното издавање на еврообврзницата. Таа беше на прилично голема сума, од дури 130 милиони евра, бидејќи на државата во тој момент и требаа пари додека да стигнат средствата од еврообрзницата.

Тоа се случило на 16 февруари, но треба да се спомене дека оваа домшна обврзница беше издадена со рок од само две години, за разлика од претходните кои се издаваа на 15 години, како и последната домшна обврзница издадена пед неколку дена.