
Вилма Русковска нема да му се извини на обвинетиот Драги Рашковски, посочува таа во изјава за „Макфакс“. Децидна е дека со ништо во интервјуто, дадено за националната телевизија, не го навредила. На ова претходеше соопштение од Рашковски, кој е обвинет во „Софтвери“, преку кое бараше обвинителката да му се извини, бидејќи јавно посочи дека имала непристојни понуди за да биде назначена на функција додека предметот против него бил во истрага.
„Немам зошто да се извинам. Го навредив со нешто? Ниту го навредувам со нешто, ниту мислам да се извинувам, а воопшто не сакам да ги коментирам неговите изјави“, посочува Русковска за „Макфакс“.
Рашковски посочи дека ако не добие извинување, ќе поднесе тужба. Со истата, ќе ја гони Русковска за клевета.
„Согласно, Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета член 13 упатувам до Вас барањe за извинување и јавно повлекување на искажаното, кое доколку не следува, против Вас ќе биде поднесена соодветна тужба за клевета и навреда. Согласно член 9 од истиот закон “Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето”. Извинувањето барам да биде направено на истиот начин како што ја имате дадено и изјавата дека некој Ви правел притисок за овој предмет“, стои во соопштението на Рашковски.





