„Не може да не се прашаат граѓаните“, изјави министерот Никола Димитров одговарајќи посредно на предлогот на Талат Џафери, проблемот за името на државата да се решел од страна на пратениците во Собранието и без референдум на кој би се изјасниле граѓаните.



„Во сите изборни програми на големите партии стои референдум за името, без да се прашаат граѓаните решението на проблемот нема да биде одржливо. Оттука без да се прашаат граѓаните не е возможно одржливо решение“, вели шефот на македонската дипломатија, Димитров.

Неизвесно на кој начин ќе се одлучува за промена на името, доколку до тоа дојде, но ТВ Алфа, повикувајќи се на свои извори во владејачката коалиција тврдат дека изјавата на спикерот Џафери не била случајна.

Министерот не соопшти детали за преговорите, дали има предлог за име со географска одредница и дали е тој прифатлив доколку не се задира во идентитетот, јазикот…

Тој остана без коментар и за предлогот „Нова Македонија“, кој во 1992 година, наводно го понудија властите од Скопје.

„Не сакам да зборувам отворено оти тоа може да му наштети на целиот процес“ вели Димитров кој индиректно потврди дека национален консензус за решавање односно промена на името – нема.

Тој предупреди дека доколку не се реши ова прашање Република Македонија е таа што ќе си ги влече последиците, зашто ќе покажела слабост заради домашната не единственост.