Партијата на Борисов победи во Македонија, но загуби во Скопје

ГЕРБ-СДС, предводен од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, на вчерашните парламентарни избори во Бугарија доби најмногу гласови во Македонија, но загуби од коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија на чело со експремиерот Кирил Петков во Скопје.



Од 453 избирачи, колку што гласаа на седумте избирачки места во Македонија, партијата на Борисов доби вкупно 143 гласа, a таа на Петков 127. Преродба е трета со 39 гласа, ДПС доби 35, БСП 14, Има таков народ 10 итн. За опцијата „не поддржувам никого“ се определиле 15 гласачи, а 35 ливчиња се неважечки.

Во амбасадата на Бугарија во Скопје за ГЕРБ-СДС гласале 54 Бугари, за ПП-ДБ 71, а за Преродба 11.

Во Битола за партијата на Борисов гласале 20-мина, 8 ја преферирале ПП-ДБ, а петмина ја избрале Преродба.

Во Кавадарци лидер е ГЕРБ-СДС со 17 гласа, а во Охрид повторно победи ГЕРБ со 23, но овде ДПС е втора со 16 гласа, а по неа е ПП-ДБ со 13.

Во Прилеп најмногу гласови собра Преродба – 10, ПП-ДБ доби 7, ДПС 6, а ГЕРБ 5.

Во Струмица ПП-ДБ победи со два гласа пред ГЕРБ-СДС (25:23).

Симболични се гласовите за двете партии во Тетово, каде што два доби ПП-ДБ, а еден ГЕРБ-СДС.