„Терористи“ го зазедоа Совет на Град Скопје, па го напуштија

Членовите од ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Град Скопје привремено ја зазедоа говорницата, облечени во маички со натпис „И јас сум терорист“, по што ја напуштија денешната седница во знак на протест за приведувањето 36 лица за настаните од 27 април.



„Во ова време се испишува најцрната страница во историјата на македонскиот народ и на македонската држава. Ова е време во кое се врши терор и насилство врз граѓаните и врз институциите, заплашување, закани, притисоци од големи размери, бркање од работа и повреда на елементарните човекови права. Ова е време во кое се врши велепредавство и загрозување на темелните основи на уставниот поредок на Република Македонија, време на реваншизам и политичка хајка што ја вршат СДСМ и Зоран Заев. Владеачката хунта на Зоран Заев монтира монструозен случај на политички прогон на 36 лица за најтешко кривично дело против државата ‘терористичко загрозување на уставниот поредок’. По бруталниот претрес на нивните домови приведени и притворени се врвни актери, режисери, музички уметници, пратеници, поранешен министер, полицајци, бранители и државни службеници“, рече советникот Михајло Маневски пред да биде прекинат од претседавачката на седницата Љубица Јанчева од СДСМ со зборовите: „Во која насока е вашата процедурална забелешка. Држете се до Вашата забелешка. Јас од Вашата дискусија заклучувам дека овде се врши терор, во оваа институција и во оваа сала. Ако е тоа така, кажете ми каде ние ја прекршивме процедурата“.

„На 30 лица им определивте притвор. Тука ја прекршивте не само процедурата, туку и и Уставот“, реплицира Маневски, пред да продолжи „Им определивте најтешка мерка притвор како казна како да се најголеми државни непријатели. Определен е притвор на шест пратеници, народни избраници, почитувани и чесни граѓани, доктори и интелектуалци, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. На овие пратеници бесрамно им е одземен имунитетот за само пет минути, како на најголеми државни непријатели. Толку ли вреди народниот пратеник за оваа предавничка и ненародна влада? Се изживуваа со незаконито приведување пратеници со лисици на рацете и незаконито ги снимаа луѓето и во судница и во затворот. Незаконското притворање на врвни интелектуалци е врв на отпадништвото на оваа ненародна влада на авантуристот и велепредавник, кој државата ја води во пропаст и работи за туѓи интереси. Игор Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски, Митко Чавков и другите притворени лица не се ниту терористи, ниту државни непријатели и не сториле никакво кривично дело на штета на државата“.

Јанчева тука повторно го прекина Маневски, напомнувајќи му дека неговото време завршило, по што му беше исклучен микрофонот. Но, тој продолжи со обраќањето, и покрај заканите од неа со отстранување од говороницата.

„Тие не се терористи само затоа што си ја сакаат државата. Седумдесет дена мирно и со песни ја бранеа самостојноста и независноста на Македонија од туѓа платформа и донесување на противуставен Закон за воведување на двојазичност на целата територија и со срамниот противуставен избор на Претседател на Собранието. Држава во која се апсат актери, уметници, пратеници, родољуби и патриоти е доведена во предворјето на пеколот. Тие го дигнаа својот глас против тиранијата и неправдата. И ние, советниците на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, го дигаме својот глас против овој терор и неправда, против тоа нечесни и невини луѓе да гнијат во притвор повеќе од 20 дена како жртви на политичка одмазда за монтирано најтешко кривично дело и во знак на протест ја напуштаме седницата на Советот на Град Скопје, Тие се жртви на одмазда и не се виновни за ништо. Бараме сите притворени лица веднаш да бидат пуштени на слобода“, заврши ексминистерот за правда, по што сите советници од коалицијата „За подобра Македонија“ ја напуштија седницата.

Од 45 члена на Совет на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 17, СДСМ и неговата коалиција 21, ДУИ тројца, БЕСА двајца, а Левица и Алијанса за Албанците по еден.