Признавањето на МПЦ-ОА поттикнато од САД, тврди бугарски историчар

Бугарскиот историчар Костадин Костадинов вели дека интересите на САД и на Бугарија во моментов целосно се совпаѓаат и во тој контекст признавањето на Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е поттикнато од Американците.



„Политичкото раководство на Македонија го фати патот на интеграција кон структурите на ЕУ и на НАТО. Тој процес сосем очигледно се движи од САД, кои го водат и се негови автори. Сето тоа што се случи во неколку месеци Бугарија не можеше да го направи веќе 28 години. Сето тоа се случува за да може да се разбие српското влијание во Македонија. За да се разбие тоа, на негово место треба да се востанови историската вистина, т.е. бугарштината во Македонија. Во пракса во моментов интересот на САД целосно се совпаѓа со бугарскиот“, изјави Костадинов за бугарското радио Дарик.

Околу барањето на МПЦ-ОА од Бугарска правиславна црква да ѝ стане црква-мајка, Костадинов вели дека тоа е почеток на историски процес, кој нема да се одвива мазно.

„Сè уште има долг пат за да се изоди во однос на целосното признавање на Македонската црква од другите. Нашата не го направи тоа целосно официјално, но во секој случај почна процесот на интеграција и на интеракција меѓу двете цркви. За нас тоа е исклучително важно, бидејќи епархии беа дел од Бугарска егзархија до 1913 година. Тогаш тие се откинати со сила од српските власти и бугарската држава и црква не го признаваат тоа до денес. Де факто, тие си остануваат бугарски“, додава Костадинов, кој не се грижи за негодувањето на СПЦ.

„Ние во моментов немаме добри односи со Србија за да може да зборуваме за нивно расипување. Во моментов во српската црква има многу силно антибугарско расположение“, објаснува тој.

Според историчарот, кој е и општински советник во Варна, има две варијанти за развивањето на тој историски процес – во иднина во пракса да постојат две бугарски цркви или тие да се обединат преку црковно-народен собор.