СДК: Вработени од Филхармонија не сакаат да го делат објектот со новиот оркестар за џез музика

108 ВРАБОТЕНИ ОД ФИЛХАРМОНИЈАТА НЕ САКААТ ДА ГО ДЕЛАТ ОБЈЕКТОТ СО КОЛЕГИТЕ ОД НОВИОТ ОРКЕСТАР ЗА ЏЕЗ МУЗИКА

Сто и осум вработени од Филхармонијата, меѓу кои и директорката Тина Иванова, се потпишани на петиција со која реагираат на владината одлука за вдомување на новоформираната национална институција „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонијата – пренесе СДК.мк.



Владата на 21 март ја донесе одлуката која ја поздрави целата јавност, а според образложението од Министерството, „Оркестарот за џез музика“ просторно ќе се смести во објектот на Филхармонијата, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на Националната опера и балет (НОБ).

Во писмото од вработените кое е испратено до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, премиерот Димитар Ковачевски и медиумите, тие потенцираат дека ја поздравуваат одлуката, не се против колегите, но сметаат дека решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и ќе направи повеќе штета отколку полза. Тие сметаат дека не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти.

„Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во Филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел. Имено, во објектот има точен број соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно. (На пр. во собата за контрабаси, волуменот, квадратурата и акустиката е соодветна исклучиво за оваа група, не би можеле и не е соодветно оваа група на инструменти да ја сместите во собата за флејти, која што пак е направена специфично за оваа група, според потребата на групата, бројот на членови, и изработена со различна квадратура, акустика и волумен) и така за секоја група поединечно“, стои во писмото.

Целиот текст на следниот линк: