Вршителот на работите во Амбасада на Индија во Бразил, Абхај Кумар, денеска сподели на „Твитер“ интересна порака.
„Имав можност да се сретнам со др Ѓорге Иванов, претседател на Македонија, на церемонијата на отворањето на македонската Амбасада во Бразилија. Интересна работа ми кажа тој – ‘Зборот Македонија доаѓа од Индија. Се кажувал ‘Maa Ki Duniya’, кое Римјаните почнале да го викаат Macedonia’“, твитна денеска Кумар.
На еден од коментарите под твитот „кажете ми, ве молам, дека се шегувате“, тој одговори: „Никогаш не сум знаел за тоа. Тоа ми беше кажано од претседателот“.
Иванов минатата седмица беше во петдневна посета на Бразил, каде што, покрај официјалното отворање на првата македонска амбасада во Јужна Америка, беше примен од бразилскиот претседател Мишел Темер, а оствари и средби со тамошни бизнисмени.





