Албанските партии само чекаат да се отвори Уставот

Отворањето на Уставот нема да биде само за внесување на Бугарите во Преамбулата, туку ќе биде и за исполнување на целите на албанските политички партии во земјава. Не постои нешто што партијата на Димитар Ковачевски не би прифатила само за да остане на власт

Откако беше јавно искаран за неговите преамбициозни планови во македонскиот Устав да се внесе пакет-барања заедно со Бугарите, министерот за правда Кренар Лога, очигледно, си легна на брашното – пишува Плусинфо.



Како што можеше да се забележи од неговиот синоќешен телевизиски настап на ТВ21, тазе-министерот од редовите на Алијанса за Албанците веќе не ни помислува да дава предлози на своја рака, како што, на пример, беше тој со внесување на албанскиот јазик во Уставот како втор службен јазик во земјава, односно формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението“ да се замени со формулацијата „албански јазик“.

Лога тврди дека нема никакви недоразбирања во Владата, откако премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи остро му се спротивставија и му порачаа дека освен приоритетното внесување на Бугарите во Преамбулата, сега не е време за дополнителни интервенции во Уставот.

За дел од познавачите на приликите, ваквиот обид на министерот за правда да создаде терен за спроведување „пакет“ уставни измени, не претставува ништо друго освен евтин трик за заплашување на Македонците по секоја цена да се согласат со внесување на Бугарите во Уставот.

За други, пак, потегот на Лога претставува (не)намерен обид за зголемување на етничката нетрпеливост, на хистеријата во општеството, но и на евроскептицизмот.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за Плусинфо вели дека потегот на министерот за правда навидум изгледа како евтин трик, а всушност, како што посочува, е индикатор на тоа дека албанските политички партии, порано или подоцна, ќе тргнат по своето.

– Очигледно е дека националните тези на албанските партии во земјава секогаш испливуваат на површина, а тие политички субјекти, кога доаѓаат на власт, веднаш престануваат да се трудат да направат нешто добро за граѓаните, туку гледаат да остварат некои националистички барања кои ќе им вродат со плод на следните избори. Втората работа е тоа што на албанските партии не им е воопшто грижа за Бугарите и за нивното внесување во македонскиот Устав, оти знаат дека штом се отвори Уставот, тогаш ќе се сменат и некои други работи во нивна корист, а на штета на Македонија. Без разлика на тоа што скокаат министрите на СДСМ, верувам дека со тек на времето ќе си спласне тоа нивно скокање и конечно ќе си легнат на брашното. Тоа е така затоа што нивните фотелји и нивните функции се најважни во целиот овој процес. Отворањето на Уставот нема да биде само за внесување на Бугарите во Преамбулата, туку ќе биде и за исполнување на целите на албанските политички партии во земјава. Не постои нешто што партијата на Димитар Ковачевски не би прифатила само за да остане на власт – објаснува Пекевски.

Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/ministerot-loga-povleche-noga-albanskite-partii-vrtat-kako-volci-okolu-ustavot-i-chekaat-da-se-otvori-za-da-mu-se-nafrlat/