Како денес изгледа Скопје – граѓаните се жалат дека метрополата се претвори во големо градилиште каде нема ни ред ни поредок

Километарски колони, раскопани улици, санирање на дупки, нервозни возачи. Ваква е секојдневно сликата во главниот град, поготово околу потесните грла во Скопје. Последен во низата примери е хаосот на потегот од хотелот „Александар Палас“ према Визбегово, каде сите околни улици се раскопани со недели и никако да се пуштат во употреба. Граѓаните постојано алармираат дека Градот треба да работи поажурно и во интересите на гаѓаните, а не само да промовираат магла. И додека градските власти се фалат дека Скопје ќе биде модерен град, реалноста на терен е поинаква.



Улиците се полни со отпад, но и купишта градежни работи оставени среде улица. Дел од граѓаните реагираат – наместо Скопје да биде една од најурбаните метрополи, наликува на заостаната метропола.

Градоначалничката на Скопје рече дека се работело на реконструкција на улиците, но без да прецизира кога ќе се завршат. Вели дека граѓаните требало да уживаат во чисти улици.

И работниците со кои поразговаравме од лице место, велат дека делумно работат, ама кога ќе се заврши со асфалтирање се никој не знае. Се пожалија дека немаат ниту надзор кој треба да ја забрза работата.

Инаку, ова не се единствените улици кои никако да се реконструираат. На потегот од студентскиот дом „Кузман“, па се до „Католичката црква“ неколку стотини метри се асфалтираа со месеци, а граѓаните кинеа нерви зашто беа приморани да кружат наоколу за да стигнат до саканата дестинација.

Паралено, јавноста постојано го поставува прашањето зошто ваквиот хаос се случува само во нашата држава, и кога ќе се стави крај на вакото лошо менаџирање со Главниот град, кој се стреми да наликува на современа европска метропола.