Рускиот претседател Владимир Путин може да ја посети Турција на 27 април за отворање на првиот нуклеарен реактор во земјата изграден од руската државна нуклеарна компанија Росатом, изјави турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, пренесува Ројтерс.
„Можеби постои можност господинот Путин да дојде на 27 април или да се поврземе онлајн за церемонијата на отворање на нуклеарната централа Акују“, истакна тој.
Во понеделникот Кремљ ги негираше информациите во турските медиуми дека Путин планира да ја посети Турција.
Во саботата Путин и Ердоган за време на телефонски разговор разговарале за успешното спроведување на заедничките стратешки проекти во енергетскиот сектор меѓу кои и за проектот АЕЦ„Акују“ тежок 20 милијарди долари.
На почетокот на овој месец, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин за наводни воени злосторства во Украина, што го налути Кремљ.
Сепак, Турција не е членка на Римскиот статут, со кој е основан МКС.







