„За ослободувањето на Македонија загинале стотици илјади нејзини чеда, стотици илјади други се расфрлени, исфрлени од татковото огниште низ целиот свет, десеттина илјади куќи се запалени… И ако и нам сега ни се падне истиот к’смет, ако и нас нè снајде истата судбина и ако треба да изгориме во пламените на таа борба, бидете спокојни, дека за родината ни тогаш нема да биде толкава голема загуба. За одржувањето на тој свет оган е потребен запалив материјал и тоа многу, многу.“ – ова се зборовите на уште еден бележит македонски патриот и борец за обединета и независна Македонија, на помалку познатиот Македонец од Пиринска Македонија Герасим Тодоров, кој по завршувањето на Втората светска војна започнал борба против Бугарите за ослободување на пиринските Македонци и за припојување на Пиринска Македонија кон другите два дела на распарчената етничка Македонија. Меѓутоа, како и во многу други случаи, и покрај жестоките македонски родољубиви чувства на Тодоров кон својата татковина Македонија и кон својот македонски народ, бугарската „наука“ и политика и него го прогласуваат дури и како „еден од најголемите бугарски револуционери и херои“!
Повторени бугарските зверства кон младинците во Ваташа и многуте мачени и убиени македонски херои од Втората светска војна
Годинашниов 30 март, денот кога тој трагично го завршил својот живот во 1948 година, самоубивајќи се да не падне во рацете на бугарската полиција, е повод за осврнувањето на животот и борбениот пат негов и на неговите соборци-македонски автономисти, кон кои Бугарите ги примениле истите ѕверства и садизам како и кон масакрираните 12 младинци во Ваташа, кон многуте мачени и убиени македонски народни херои, првоборци и други истакнати партизани од периодот на Втората светска војна.
Герасим Тодоров е роден на 27 ноември 191 година во селото Влахи, во Пиринска Македонија, во кое се родени и други патриотски македонски дејци, како Јане Сандански. Во 1947 година тој создава илегална чета од околу 80 комити за вооружена борба за обединета и независна Македонија.
Како младинец се приклучил на ВМРО и бил член сѐ до неговата забрана во Бугарија во 1934 г. Во текот на Втората светска војна бил државен службеник во Егејска Македонија, а по 1944 г. и превратот во Бугарија се вратил во родното Влахи и станал член на политичката организација „Звено“. Состојбата во првите повоени години во Бугарија била тензична – комунистичката партија сѐ уште не обезбедила целосна контрола, но вршела силен притисок за потчинување, или елиминирање на сите други фактори. Како одговор на тоа во мај 1947 година Герасим формирал револуционерна група за борба против комунистичката власт во Пиринска Македонија. Групата го носела името „Шести пирински одред“, чие јадро го сочинувале бивши членови на ВМРО. До крајот на 1947 г. четата броела 14 души, а до март 1948 г. четата броела 42 души.
Убиени, обесени, осудени на доживотни затворски казни, само затоа што биле Македонци…
Истиот месец комунистичките власти, кои дотогаш веќе презеле целосна контрола во Бугарија, започнале голема полициска акција под име „Елен“ за елиминација на четата на Герасим. Многумина биле уапсени, а Герасим бил предаден од својот јатак. На 30 март тој бил опколен од полициски сили и за да не биде заробен си го одзел животот. До 4 април била завршена операцијата, во која биле убиени 42 борци. Од вкупно 140 заробени четници и јатаци на Герасим – борци за Автономна Македонија, 106 биле осудени. Од нив 13 души се осудени на смрт и обесени во Горна Џумаја, меѓу кои два свештеника, еден полковник и еден потполковник. Неколку се убиени без суд и пресуда. Повеќе од четириесетмина се осудени на доживотен затвор, а другите на тешки временски казни.
„Сатанското оро’ на бугарските полицајци, кои беа радосни и се однесуваа како психички болни луѓе, избегани од некоја лудница…“
Крум Монев, и самиот еден од припадниците на автономистичката чета на Герасим Тодоров во својата книга „Македонија – мојата потпора“, дал исклучителен опис за животинското однесување на бугарските полицајци кон него и сите други фатени Македонци-автономисти од четата на Герасим Тодоров додека ги спроведувале во објектот на Околиската полициска управа во Влахи, а особено за „сатанското оро“ додека полицајците играле и се радувале, поради „постигнатиот успех“:
„… кога ние бевме натрупани во камионите како вреќи со компири, еден до друг, еден врз друг, кога секој од нас поединечно беше претворен во куп крвјосано месо и стенкаше незапирливо, а милиционерите не ‘утешуваа’ со кундаците на нивните пушки, или со цевките на автоматите, со поткованите чизми… за мене тоа тогашно сатанско оро беше мртовечко, сатански танц врз нашите се уште живи трупови… не бев во состојба да си претставам, во такви услови, кога многу луѓе страдаат и гинат, кога толку многу жени кршат раце и си ги корнат косите, оплакувајќи ја злата судбина на своите мажи, браќа, татковци и синови, токму тогаш други пак да пеат и да играат, да викаат и да се веселат… Тогаш тоа оро ми заличе на оро, што го играат целосно ненормални жени и мажи, психички болни луѓе, кои скоро избегале од некоја лудница…“
Во книгата „Македонија – мојата потпора“,Крум Монев дава потресни сведочења низ каков терор поминале тој самиот и сите други фатени и уапсени Македонци во објектот на Околиската полициска управа во Влахи, каков зверски садизам и варварски тепања биле извршени врз нив, иако биле само беспомошни затвореници, но само затоа што се искажале како Македонци, кои ја сакаат слободна својата татковина, без бугарската рака врз неа…
„Со бомба ги удираа по главите, по лицето, со острата мушица од пиштолот ги удираа по челото и броеја колку дупчиња направиле во месото, од колку места шурка крв…“
Монев напишал: „Некаде во текот на ноќта …се слушаaт дивјачки извици, внатре одеднаш влезе цела глутница од џандари… ги загледуваат полегнатите на голата земја изнемоштени затвореници. И како по даден сигнал, сите почнуваат да удираат жестоко и безочно со кундаци на руски бојни пушки, со автомати и со се што секој го носи во неговите раце. Некој набрзо откачува бомба од неговиот ремен и со неа удира најчесто по главите, по лицето. Друг го вади својот пиштол и со неговата остра мушица удира по челото и брои колку дупчиња направил и од колку места шурка човечка крв… Доаѓа друг бран од свежи сили, доаѓа ново пополнување од тепачи…“
„Одново почнува клоцање со поткованите чизми по раскостените затворенички грбови, по лицата и по сите најболежливи човечки места за ‘обесплодување’, почнува жестоко скокање врз градите на кутнатите беспомошни жртви… Се се извршуваше со … животинска злоба, се се правеше така, што никој од затворениците да не остане незасегнат …По тоа беснеење на глутницата и жестокото мавање внатре во визбата на околиската полициска Управа во Влахи завладеа тишина и секој затвореник префрли некој партал преку глава и се свитка како полжав…“
Александар Султов, Веселин Михајлов и Марко Ангов, соборци на Герасим, биле фатени и потоа биле живи изгорени во една планинска месност. Солун Георгиев (Македонец до фанатизам), бил мачен и испитуван во селското училиште во Влахи, а потоа убиен. Бугарите ги претепале до смрт Асен Драчев, Ванчо Танчев и Васил Адамов. По жестоките тепања во визбите на полицијата во Сандански Петар Донков умрел во затворот во Благоевград. И Димитар Павлов бил убиен со уште неколкумина другари. Подоцна неговата ќерка Искра била затворена и повеќе месеци свирепо измачувана во благоевградскиот затвор.
Крум Монев, кој, поради тоа што бил малолетен, бил осуден на 15 години затвор, по излегувањето на слобода ја напишал споменатата книга за сите, што настрадале во злокобната 1948 година. Во неа ќе ги забележи имињата и на уште шеесетина Македонци, кои најдобрите години од животот ги минаа по бугарските затвори.
„Телото на самоубиениот Герасим го изложија во Кресна, за да го предупредат македонскиот народ да не бара никаква Македонија…“
Тодор Секулов, кој лежел 5 години во затворот Белене, во своето сеќавање сведочел: „Герасим Тодоров, нашинец од Влахи, уживаше голем авторитет меѓу нас, Македонците. Штом власта разбра за нас, донесе полиција од цела Бугарија и ја блокира сета област околу Влахи. Сите не’ фатија, а нашиот водач Герасим го опколија во една плевна, во маалото В’чковци. Не можејќи да избега, тој се самоуби. Полицијата неговото тело го изложи во Кресна, за да го предупреди народот да не бара никаква Македонија. Не се знае каде е погребан. Се зборува дека е запален и оти неговата пепел е расфрлена за да не му се знае гробот …. Во затворите имаше многумина Македонци. …беа околу 150, што ги знаев, а во другите затвори низ Бугарија, којзнае колку имаше. Управите на затворите често исценираа убиства. Во Белене, на пример, додека работевме надвор, имаше определена граница до каде можеме да се движиме, меѓутоа, стражарите ќе не’ тераа да ја поминеме таа линија, за да пукаат во нас потоа, без предупредување. Испотепаа многумина наши.“
„Дење или ноќе, во сон или на јаве ќе речам дека сум Македонец, не може мене никој да ме прави Бугарин!“
Јане Андреев, кој одлежал осум и пол години во затвор, во своето сведоштво нагласил: „И сега, и кога и да е, дење или ноќе, во сон или на јаве, ќе речам дека сум Македонец …. Не можам друго да бидам, ништо друго, освен она што сум. Сите треба да имаме слобода, да кажеме што сме, да имаме свој јазик, своја култура. Никој не може мене да ме прави Бугарин. Кој им го дал тоа право на сите оние, што во мое име сакаат да решаваат?“
Делото на Герасим било оцрнето од бугарскиот комунистички режим – тој и неговите четници биле поистоветувани со бандити, фашисти, провокатори, шпиони. Меѓутоа тие биле навистина македонски родољуби. Герасим верувал во идејата за независна македонска држава. Комунистичкото решение за македонското прашање, во склоп на федерација со комунистички режим, му било неприфатливо. Герасим Тодоров е еден од многуте македонски борци, кои ги положиле своите животи за Македонија по завршувањето на Втората светска војна.
Подготвил: Свето Тоевски – за статијата се користени и материјали на ОМО „Илинден – Пирин и друг историографски и медиумски извори






