Пишува: Свето Тоевски
Вџашува со колкава леснотија и со колкава дрскост разноразни емисари, комесари, европски државници, специјални пратеници за Балканот и други меѓународни претставници си дозволуваат да навредуваат цел еден народ, македонскиот! Денес во храмот на македонската државност, во Собранието австрискиот претседател Белен се осмели да им даде „ука“ на Македонците да не драматизираат околу уставните промени! А министерот за правда Кренар Лога ќе каже дека тие промени се „приоритет над приоритетите“! Дали „северните“ македономрсци ќе го повикаат и Далај ламата од Тибет да ги „кара“ Македонците да не „шизат“ во врска со таа „ситница“ потребна да започне „величественото чекорење“ по евроинтеграцискиот пат?!
Приоритет над приоритетите е да не се дозволи никој повеќе да им држи лекции на Македонците дека не треба да драматизираат во поглед на уставните промени како денес и австрискиот претседател Белен, ниту некој друг да им рецитира „уставно-бугарска поезија“ со повикувања на Анте Поповски и Блаже Конески, како што направија германската министерка Аналена Бербат и германскиот претседател Франк Штајнмаер.
Приоритет над приоритетите не е промената на македонскиот устав, ниту да се пополнат сите „великобугарски и великоалбански празнини“ во него на начин како што замислиле министерот за правда Кренар Лога, Али Ахмети и нивните „собраќа“ – истомисленици во врховистичка Бугарија, туку приоритет над приоритетите е веднаш да ги снема и Лога и ДУИ и СДСМ и целата оваа криминализирана и предавничка Влада.
Приоритет над приоритетите е ВМРО ДПМНЕ заедно со другите македонски партии да го покрене народот и да ѝ се столчи главата на „северната змија“ уште веднаш, за да не им се заканува со своите отрови на Македонија и македонскиот народ! Со секоја секунда од нивниот престој во кабинетите во Владата Ковачевски и Маричиќ и нанесуваат се поголема и поголема штета на Македонија и нејзината иднина, затоа мора да бидат тргнати најитно од кормилото на државата!
Приоритет над приоритетите е Македонците да се сплотат врз Македонската идеја и да не им дозволуваат повеќе на вакви карикатурални типови како што се Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ да изигруваат дека се премиер и евроинтеграциски вицепремиер, водејќи најпримитивна можна политика и заканувајќи им се на Македонците дека уставни промени ќе има и оти мора да има. Бујар Османи и Артан Груби мора да бидат отстранети од позицијата да можат да му ја кројат судбината на македонскиот народ, борејќи се за својата великоалбанска државна агенда.
Народите во Европа се кренати на нозе, тие не се побунија само против некои аспекти на пензиската и социјалната политика, туку и против своите влади, се кренаа заради правото самите да одлучуваат за внатрешниот и надворешниот суверенитет на нивните држави, да живеат во мир и благосостојба. Кај македонскиот народ е веќе создадена „критичната маса“ за отпор и уривање на Владата, затоа и ВМРО ДПМНЕ како водечка опозициска партија е обврзана да пристапи кон оваа цел. Ситуацијата станува сè потешка и сè посериозна, Бугарија е сè поагресивна во својата агресија кон Македонија и македонскиот народ и затоа оваа цел се наметнува како најважна.
Сепак, врховниот приоритет над сите приоритети е да се зачуваат идентитетот на македонскиот народ и илинденско-асномскиот темел, врз кој почива оваа каква-таква и колку-толку преостаната држава, а веднаш потоа и да се возобнови Република Македонија со најбрзото поништувањето на Бугарскиот и Преспанскиот договор. По секоја цена, без оглед на чиј и каков било отпор!
Дури тогаш разноразни беленовци, бербатки, урсули и други европски емисари и меѓународни претставници ќе ја изгубат основата, врз која ќе можат да плукаат врз достоинството и честа на македонската нација, туку ќе мора да почнат со должна почит да се однесуваат кон овој балкански народ, кој никогаш не се мешал во внатрешните работи на која било држава да бара да и го менува Уставот.






