Плусинфо: Предлогот на министерот Лога е евтин трик

Додека министрите Османи и Маричиќ велат дека нема време за вметнување на барањата за внесување на албанскиот јазик во Уставот, но и други измени, министерот за правда Кренар Лога вели дека кога веќе ја отвораме Преамбулата, тогаш треба да се најдат решенија и за „сите празнини“

Приоритет над приоритетите во однос на уставните измени е промена на Преамбулата, со што во неа би се вметнале сите помали заедници кои ќе пројават интерес за тоа, но доколку „се отвори Уставот“ тогаш треба да се најдат решенија и за „сите празнини“ во него, за што ќе даде потребен консензус, изјави денеска министерот за правда Кренар Лога по средбата со австриската министерка за правда Алма Задич.



Изјавата на Лога доаѓа откако претходно, министерот Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ му посочија дека нема време за другите идеи како што е делот со 20 проценти за јазикот, односно внесувањето на албанскиот јазик во македонскиот Устав.

– Секое друго прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека е сега вистинското време за тоа, затоа што ќе земе и повеќе време и повеќе енергија и ќе го комплицира процесот – изјави вчера Маричиќ, велејќи дека тие прашања можат понатаму да се решаваат.

Министерот Бујар Османи е со сличен став, дека сега треба да се концентрираме само на делот со заедниците, односно внесувањето на Бугарите, Црногорците, Хрватите и на другите етнички заедници кои тоа го бараат.

За Османи уставните измени немаат да имаат последици, бидејќи под „други“ во Преамбулата се подразбираат сите заедници кои се попишани во земјата.

– Значи, во категоријата „други“, во Преамбулата и во останатите членови каде што се спомнуваат заедниците, се подразбираат сите тие коишто се набројани во пописот – рече Османи.

Постојат и други идеи за вметнување во отворениот Устав. Според Лога, тука се и и измената во делот каде министерот за правда по функција е член на Судски совет, но и регулирање на вакуумот со распуштање на Собранието и при смената меѓу еден и изборот на друг министер.

Африм Гаши од Алтернатива неколку пати најави дека ќе предложи амандман со кој делата од висока корупција во државата нема да можат да застаруваат во судските процеси. За оваа негова идеја тој зборуваше и со американската амбасадорка Анџела Агелер.

На кој начин ќе бидат впишани помалите заедници и дали тие ќе влезат директно во Преамбулата ќе зависи од уставните амандмани, кои треба да ги изготви работна група од експерти во Министерството за правда.

Професорот Светозар Шкариќ неодамна во гостување на Телма рече дека „не може Бугарите да бидат привилегирани во Уставот“. Тој смета дека Македонија треба да ги донесе уставните измени, но како што вели тој, дали тие ќе бидат штетни врз другите одредби од Уставот ќе дознаеме откако ќе се појави нацрт-текстот.

– Тогаш ќе се отвори и прашањето на правната техника, како да се регулира тоа прашање. Ако треба нови малцински заедници да влегуваат во Преамбулата, ќе се постави прашањето како да се вградат во Преамбулата. Нема да биде лесно, бидејќи нашата Преамбула е веќе неколку пати менувана. Со овие нови промени веројатно ќе биде невозможно во Преамбулата во оваа форма да се вградат овие предлози, но ќе видиме какво решение ќе понуди предлагачот – укажа Шкариќ велејќи дека присутноста на Бугарите во Уставот треба да биде соодветна на бројката од околу 3.600 лица попишани на ланскиот попис.

Целата анализа на следниот линк:

https://plusinfo.mk/vie-soglasete-se-za-bugari-vo-ustavot-nie-nema-da-pritiskame-za-albanskiot-azik-predlogot-na-ministerot-loga-e-evtin-trik/