Воведување тарифа на луксуз за регистрација на второ возило е една од идеите за надминување на проблемот со загадувањето на воздухот, кои граѓаните му ги предложија на скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешниот прием.
Набавка на електрични автобуси и реорганизација на јавниот превоз, забрана на употребата на јаглен за затоплување на домаќинствата, засилување на контролите на погоните за преработка на пластика и на работилниците што горат отпадни масла, итно почнување со гасификација на градот, забрана за палење огнови на отворено, поставување долж улиците на светилки што апсорбираат јаглерод двооксид се само дел од идеите што ги доби градскиот татко на Скопје од граѓаните.
„Како градоначалник на Град Скопје, јас веќе иницирав засилени инспекции на депонијата ‘Дрисла’, побарав да се изработи нов концепт за јавниот градски превоз што би ја вклучил и постојната железничка мрежа, а во градскиот буџет е планирано и субвенционирање од 100 милиони денари на Јавно сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ за набавка на зглобни електрични автобуси. За наредната година граѓаните ќе добијат субвенции од 10 милиони денари за набавка на инвертери за затоплување и за обука за оџачари“, им рече Шилегов на жителите на главниот град што се одзваа на неговата покана да изложат идеи за справување со аерозагадувањето.
„Во Буџетот на Град Скопје за 2018 година ќе се издвојат 141 милион денари за заштита на животната средина, што е трипати повеќе од лани“, дополни тој.





