Се враќа евтината дневна тарифа на струјата – Колку ќе заштедат граѓаните кога не се дома?!

Од први јули ќе се врати евтината дневна тарифа на струјата, бидејќи веќе од мај, па до октомври, државата ќе има вишок на производство на електрична енергија, рече министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, за ова преговара со Регулаторната комисија за енергетика. Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година.



Паралелно, се пофали дека зимава Македонија најдобро поминала со снабдувањето и производството на електрична енергија и затоа кај нас немаше рестрикции воопшто. Бектеши кажа дека во празничниот месец мора да има замрзнување на цената на основните производи меѓу зеленчукот и овошјето, а конечната одлука ќе биде соопштена во петок или во недела.

Заедно со Регулаторната комисија за енергетика работиме во насока да се врати евтината дневна тарифа за електрична енергија од први јули годинава, имајќи го предвид зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори, каде пиковите главно се преку ден, рече тој, и додаде, би можело да има вишок на електрична енергија во текот на денот во периодот од мај до октомври.