Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, најави формирање влада со партија на Албанците во Македонија, дури и ако неговата партија сама има мнозинство во следниот состав на Собранието.
„Несомнено. Заради стабилноста и функционирањето на системот, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има 61 пратеник, 65 пратеници или 59, ќе биде потребен претставник од албанскиот политички блок и од друга причина – за да се обезбеди Бадентерово мнозинство, кое е значајно за носење на одредени круцијални закони. Од оваа гледна точка, посакуваме овој фронт да биде предводен од албанската опозиција, која се надеваме дека ќе се окрупни, ќе биде сè помасовна и заеднички опозицискиот фронт да победи на следните парламентарни избори и да формира влада“, изјави Муцунски во емисијата „Програма 200“ на телевизијата Алсат-М.






