Хрватскиот македонист, основач на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека и поранешен почесен конзул на Македонија во Хрватска, Горан Калоѓера, уште еднаш ја сподели својата љубов кон македонскиот народ и кон неговите држава, јазик, историја и култура.



„Доаѓа време човек да ги преиспита своите ставови, во овој случај за на мене милата Македонија. Многумина ми забележуваат за субјективноста, симпатиите и слично, што држи вода. Македонија ми е (колку некои и да гледаат на тоа како на романтично видување или, пак, емотивно) во срцето и никој нема да го смени тоа. Јас Македонија ја сакам и тоа никој нема да го промени, ги сакам нејзините градови, реки, ридови, граѓани, култура, дружељубивост, љубезност, пријателство, кои со години се покажувани кон мене и мојата сопруга. И тоа никогаш нема да го заборавам.

Ако моите ставови, осврти, начинот на кој тоа ѝ го враќам на Македонија, на Македонките и на Македонците се неприфатливи за некои, тоа е нивен проблем. Во сите мои написи никогаш не сум имал намера да сејам омраза или раздор кон било кој или кон било што. Лично, немам ништо против народите, но имам против владејачките структури, народите што ѝ се закануваат на Македонија. И ќе ја бранам до крајот на мојот живот со знаењето што го имам. А тоа не е мало. Затоа, нека пукнат душманите, но и понатаму ќе продолжам да пишувам и да зборувам во прилог на Македонија. Го сметам тоа за моја должност и за потврда на моите педесетина години занимавање со Македонија. Можеби понекогаш иритирам, но сметам дека е моја должност како интелектуалец што слободно размислува да ги искажам своите ставови. А тие не се менуваат.

Јас и понатаму ја сметам непотребна промената на името, не се согласувам со постапките на бугарските институции кон македонските јазик, култура и историја, како и со преземањето на македонските градови од побројното албанско население (на пример, Кичево). Можеби грешам, можеби не ја познавам добро македонската внатрешна политичка ситуација, но тоа е мојот впечаток. Немам ништо против албанскиот народ, напротив, меѓу нив овде во Риека имам многубројни пријатели.

Како убеден пријател на Македонија, го поддржав изборот на новиот почесен конзул во Риека, поради тоа што тој е личност која може да направи многу добрини, како што и ќе зборувам на 15. годишнина на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, не затоа што го основав, туку затоа што сметам дека е исклучително вреден за промоција на македонските јазик, литература и култура. Значи за Македонија, само таа. Значи, не ме интересираат боите и политичките предзнаци, битни ми се Македонија и македонскиот народ. За таа цел, ќе се обидам да го дадам она малку што остана во мене“, порача Калоѓера преку Фејсбук.