Премиерот пак се прошета низ маркетите, си купи јајца и млеко – ќе правел палачинки, револтирана жена го искара Ковачевски

Премиерот отиде во маркет во своето маало да си купи јајца, млеко, боја за велигденски јајца, а со себе понесе и десетина камери за да биде снимено обичното пазарање на шефот на македонската Влада.



  • Вие гледате дека јас кога доаѓам во маркет, купувам тоа што ми е потребно, изјави Ковачевски.
  • Види Крешник, сега ќе земам брашно и јајца ќе видиш палачинки кој прави најдобро, се пофали премиерот.

Сепак ова трето пазарење пред пред медиумите не мина баш по меракот на ПР-от на Димитар Ковачевски.

  • Со 12.000 ве молам кој може да преживее денеска, една револтирана жена го праша премиерот.
  • Пензиите ние кога дојдовме како Влада, прва работа беше да ја зголемиме методологијата за зголемување на пензиите, кажа премиерот.
  • Вака да ви кажам, цениве се до плафон, значи со два денари макарони и јајца денар на 99 денари, сега ги замрзнавте цените. Значи што е тоа поевтино? Значи стварно некако многу тежок дојде животот, па ниту лекарства може да купиме ниту…, кажа револтираната жена.
  • Прво точно е дека цените беа многу зголемени, затоа што има војна во Европа се води и секаде се зголемени, кажа Ковачевски.

Според премиерот немало ништо спорно во неговото пазарање каде со себе носи повеќе од 20-тина луѓе. Не станувало збор за никаков ПР, немало потреба од такво нешто. Премиерот не планира тука да запре, ќе продолжел заедно со медиумите и понатаму да врши контроли, а следниот настан ќе биде само ден подоцна од третото пазарање.

Одењето по маркети не е единствениот обид за самопромоција на Ковачевси. Ако се вратиме малку наназад, ќе се потсетиме дека премиерот играше фудбал, во градинка се радуваше како мало дете, потоа јадеше тостови, па и сендвич со мортадела. Инаку, според неофицијални информации на Алфа, владиниот ПР му го прави маркетинг компанија од Израел, чија цел е да помогне во кревањето на рејтингот на власта.