Вжештена атмосфера и викотници пред зградата на Здружението на пензионерите на Македонија во пресрет на изборот за нов пензионерски лидер. Највозрасните граѓани кои се собраа од секаде, бараат процесот за избор да биде транспарентен и да се работи за интересите на пензионерите, а не само на мала категорија луѓе блиски до актуелното раководство.

- – Незадовоството ја достигна својата кулминација со последната манипулацијата при спроведувањето на редовните избори во здруженијата на пензионери во Македонија и во СЗПМ, кога во најголемиот дел случаи незаконски, нелегитимно и нерегуларно беа избрани старите за нови членови во органите и телата за новиот мандатен период. Тоа доведе до формирање Иницијативен одбор и организирање протест пред седиштето на СЗПМ, со поставување конкретни барања и спроведување мерки за запирање на ваквиот процес на нечесно работење, на автократско и криминално однесување на поголем број поедици, со злоупотреба на функциите и сомнително трошење на пензионерските пари, велат револтираните пензионери.
Пензионерите се револтирани зашто не знаат каде се трошат нивните пари, кои секој месец им се одбиваат од нивните сметки, плаќајќи чланарина.

Медиумските екипи побараа став од актуелното раководство на Здружението на пензионерите, ама од таму наместо одговор, ни затворија врата.
- Не може да влезете, претседателката нема време за вас, ни кажа да ви кажеме да си одите, рекоа оние кои цел ден пред врата ја чуваа претседателката Станка Трајкова, која не сакаше да даде изјава. Иако затворена во нејзината канцеларија, не се ни оѕва на нашите повици.

Според незадоволните пензионери, проблемот бил системски, односно се должи на фактот што не постои прецизно правило за ограничување на мандатот, односно не е јасно колку пати може едно исто лице да биде избрано за претседател на здружение на пензионери.
Инаку, од март пензиите се поголеми за 8,4%, а трошоците на живот во февруари годинава биле поголеми за 16.7% во однос на истиот месец лани.





