Академик Катица Ќулавкова ја напишала, според редакцијата на expres.mk, најубавата и истовремено најтажната песна за Македонија откако таа насилно стана северна.
Сами проценете колку овие стихови соодветно ја опишуваат Македонија овие денови:
Жртвено јаре
Со збор не може да се искаже
Оваа болка што ни ја причини, Македонијо
Твоето име оставено зад границите
Дома испишано меѓу редови
Како мислена именка
Не оти збор немаме
Не оти онемевме
Туку оти постоиш како да не постоиш
Толку многу нè заслепи
што лутаме по светлите улици
на твојот јазик
Толку многу си бесмртна
што ни се впиша во животот
Толку многу крв пролеа
што изгледа како да си рамнодушна
Толку многу се растури низ светот
што трагите не можат да ти се скријат
Толку многу те посакуваа
Што стана дозволен улов
Нашата забранета љубов
Секој нов рез врз твоето тело
е подлабок од претходниот
Ти, резба на резбите
приказна во приказните
на другите народи.
Како да ја искажам со збор
болката што ми ја нанесе, Македонијо
кога премногу сум жедна
и уста не ми се отвора
Само ми доаѓа да те впијам со поглед
Тебе и твоите извори, врутоци и врела
Додека Господ се спушта некаде зад видикот
молкум, не можејќи да им верува
на сопствените очи
оние, кои гледаат сè, секогаш, од памтивек.






