Шефицата на албанската дипломатија Ољта Џачка, која денеска е во официјална посета на Македонија смета дека македонското Собрание треба да ги усвои уставните измени со што на земјава ќе ѝ се отвори патот на евроинтеграциите.
Османи: Македонија и Албанија во 2030-та заедно во ЕУ
„Сметам дека треба да се направат измени во Уставот зашто така ќе им се отвори патот на евроинтеграциите. Ние со вас стоиме рамо до рамо и во координација за овој процес кој има нова динамика во контекстот на ставот на ЕУ за проширувањето. Важно е политичките чинители да не го испуштат овој момент зашто е отворена можноста да се движиме побрзо. Тој што ќе остане поназад ќе назадува и ќе биде тоа неповолност за граѓаните“, изјави Џачка на заедничката прес-конференција со минитерот Бујар Османи во Скопје.
Османи, пак, потсети дека 2030 година е историска можност, како што рече, да бидеме сите внатре во ЕУ.
„Дали ќе ја искористиме таа шанса или ќе го повториме тоа што ни се случи пред 15 години како со Грција, останува во наши раце. Дали ќе се изолираме или ќе бидеме дел од овој брз воз што вози директно во Брисел е одлука на секој пратеник во Собранието“, рече Османи.






